Кој Американец ќе заврши како Ратко Младиќ?

Воениот лидер на босанските Срби го доби заслуженото за сите несреќи и ужаси кои ги предизвика неговиот начин на војување. Истиот тој начин на војување, во овој момент се спроведува на еден друг крај на светот, активно помогнат од Соединетите Американски Држави.

Хашкиот трибунал за воени злосторства во поранешна Југославија му одреди доживотна затворска казна на Ратко Младиќ, прогласувајќи го за виновен за десетина точки од обвинието во кое се товареше за најтешките воени криминали како геноцид, злостворство над човештвото и слично.

Главната негова тактика за спроведување на поставените воени цели беше опколувањето на противничките зони. Опсадата се прави со воена контрола на посакуваната територија и блокирање на нејзините врски со околината. Опколениот град се држи закован и се изнемоштува заради недостатокот на вода, храна и други основни потреби при што најмногу страдаат најслабите; децата, бремените жени, старите и болните лица. Оваа тактика е позната уште од средниот век а трагично унесреќените луѓе од Босна ја осетија во 90-тите години кога Младиќ и неговата војска ги гушеа Сараево, Горажде, Сребреница, Жепа и други градови со претежно муслиманско население.

Истата таа тактика на опсада и изнемоштување денеска во Јемен ја спроведува коалицијата на Саудиска Арабија, поддржана од САД. Но бидејќи Саудијците се вреден американски сојузник, нешто го нема Стејт Депармтнетот да побара трибунал и за саудискиот крал Салман и  крунисаниот принц Мохамед Бин Салман, меѓу другото и затоа што се блиски пријатели со американскиот крал Доналд Трамп и неговиот крунисан принц Џерет Кушнер.

Она што САД ги ужаснуваше кај Ратко Младиќ денеска не само што го толерираат туку и активно го помагаат, обезбедувајќи муниција, логистика, разузнавачки податоци и полнење гориво во воздух на саудиските авиони кои ги бомбардираат опколените јеменски територии.

Сара Леа Витсон од Хјуман рајтс воч објаснува дека постојат две процедурални можности да биде формиран трибунал за она што денес се случува во Јемен. И двете се нереални. Или тоа да го побара Советот за безбедност или пак исто барање да дојде од членка на Меѓународниот суд  која е вмешана во конфликт. Советот на ОН нема да донесе таква резолуција бидејќи САД тоа ќе го спречат за да го заштитат својот сојузник (и себе). А втората опција е невозможна бидејќи ни Јемен ни Саудиска Арабија не се членки на судот. 

Најгласните критики за овој и другите меѓународни трибунали поддржани од САД се дека се судат само оние злосторства за кои немале поддршка од Американците и тоа од мали земји кои можат да бидат притиснати да ги предадат своите луѓе. Злосторствата направени со политичка поддршка од САД или пак оние направени од посилни земји - на пример руските во Чеченија - засекогаш ќе останат несанкционирани од меѓународната правда. 

Во Америка се процеусирани само безначаен број поединечни примери на војници кои извршиле некое злодело врз цивили. А не дека не се знае и за други, како што се измачувањата во Абу Граиб или пак масакрот на плоштадот Нисур.

Денеска САД имаат претседател кој е носталгичен по измачувањата кои „даваат резултати“ а од кои дури и Пентагон, малку неволно, се дистанцираше. А првиот човек на ЦИА, Џорџ Тенет, кој ги одобри измачувањата на таканаречените црни локации, доби претседателски медал на слободата.

Но, постоеа времиња кога и екстрадицијата на Милошевиќ, апсењето на Караџиќ или доживотниот затвор за Младиќ изгледаа нереално и некако халуциногено, во иста мерка во која халуциногено изгледаше можноста риалити ѕвезда со лоша фризура да стане прв човек на Америка.

Судскиот епилог на Младиќ останува како потсетување дека никогаш не се знае што иднината може да донесе и како надеж дека еден ден и други волови ќе го добијат она што го заслужуваат - меѓу рогови.

25 ноември 2017 - 14:34