Кога ќе в Осло појдете, по жени да не мавате

Норвешка почна да нуди часови за машките бегалци дојдени од конзервативните средини за да им помогне да се навикнат на новата земја. Дека е тоа земја во која жените имаат повеќе слобода а помалку облека и дека можат сами да шетаат по улица а тоа да не значи дека некого викаат за секс.

Пет часовни доброволни обуки за сексуалните норми и правила на Норвешка им се нудат на национално ниво на дојденците од истокот за да се адаптираат на новата средина во која жената има поинаква улога и права од онаа во средините од кои се дојдени. 

Обуката подразбира групни дискусии за сексот и силувањето и објаснувања дека во Норвешка се забранети и општо неприфатливи сите видови насилства, дури и оние кои во некои средини се одобрени како "бранење на честа".

"Да се натера некој на секс во Норвешка НЕ е дозволено дури и кога се работи за брачен партнер," стои во прирачникот за обуката.

Слични иницијативи има и во Данска и во германскиот град Пасау, една од точките за влез на мигранти. Во некои европски земји пак, ваква идеја не поминала заради стравот со тоа дојденците да не се стигматизираат како силувачи и насилници.

"Молкот е најголем проблем и за овие културолошки разлики мора да се разговара," реплицира на ваквата политичка коректност клиничнкиот психолог Пер Исдал од организацијата која ги држи часовите. "Доаѓаат луѓе кои навистина не научиле дека жената има своја вредност и не е приватност на мажот".

А во земјите од ЕУ доаѓаат и луѓе кои никогаш во животото не виделе минич или женска силуета која не е покриена со бурка.

Со оваа идеја  се согласуваат и доброволци од редовите на дојденците кои помагаат во обуката.

"Кај нас во Еритреја ако некому му се бендиса некоја жена, ја грабнува и тоа минува неказнето," вели еден од нив.

Абду Осман Келифа вика дека и нему му било потребно време да научи да не толкува погрешно некои знаци, како што е носењето кратко здолниште или пак флертувањето. Признава дека она што сè уште не му е јасно е тоа како е можно за сексуално насилство да те пријави дури и 'родената' сопруга.