Кобасичарско нунчаки против хипстерите

Во едно веганско кафе во главниот град на Грузија настанала тепачка откако упаднале луѓе кои мафтале со колбаси и на гостите им се заканувале со ражниќи.

Натрапниците влегле во веганското кафе во Тбилиси со ланци од колбаси околу вратовите и големи шиш-кебапи во рацете, прекинувајќи ја мирната проекцијата на еден американски филм. Почнале да јадат од месото кое го носеле и со него да маваат по гостите од кафето. Настанала кКратка расправија па тепачка која се пренела надвор од кафето а во која, според очевидци, присуствувале и локални сеирџии кои тепале и месождери и вегани.

Инцидентот не е некаква епизода од глобалното нутриционистичко недоразбирање кое деновиве беше актуелизирано со одличниот видео клип на таа тема (види "Послушајте вегетаријанци"). Тбилиси е тоа, Грузија, земја која е прошарана со секаков вид екстремизам кој често знае да биде насилен.

Имено, веганското кафе е омилено свртувалиште на странци и "модерни" Грузијци а пред некое време луѓе со дебели вратови во маалото се распрашувале дали таму доаѓаат педери и други "сомнителни" луѓе од ЛГБТ заедницата.

Три дена пред нападот во Грузија се одбележуваше годишнина од прогласувањето независност од  Советскиот сојуз кога група националистички екстремисти марширале по улиците извикувајќи го слоганот "Грузијците за Грузија."

Своевремено тоа беше популарен слоган меѓу Грузијците кои сакаа да се отцепат од распадната комунистичка империја а во последните години се користи како покритие за разни видови ксенофобија и нетолерантност.

31 мај 2016 - 09:33