Ќе преживее ли Северна Ирска уште толку?

Tекст за Северна Ирска, интересен во контекст на тоа како некои конфликти од пред 100 години се замрзнати и тешко ќе се решат и за следните 100 години. Слична е и ситуацијата со Македонија, чија модерна голгота започна со Балканските војни, во периодот кога настана и проблемот на Северна Исрка.

Британски и ирски политичари и верски лидери денови одбележаа еден век од основањето на Северна Ирска. Во време кога конститутивниот елемент на Обединетото кралство влегува во вториот век од своето постоење, не е најјасно дали ќе потрае уште толку, проценува Форин Полиси.

Создадена како компромис меѓу британската влада и ирските револуционери после војната за независност во 1921 година, Северна Ирска и нејзината позиција во Кралството беше и е тема за спорови на многу генерации, денес во поглед на нејзиниот статус во пост-брегзитовска Британија.  

Јубилејот доаѓа во чудни времиња за Република Ирска, каде двете големи политички партии, од позиција на завојувани страни во граѓанската војна од пред еден век, во 2020 година за првпат станаа коалициони партнери. Нивното здружување е резултат на подемот на Шин Фејн чија бескомпромисна визија за обединета Ирска наидува и на нова публика. Тие освоија најмногу гласови на последните избори а и новите сондажи покажуваат дека Шин Фејн е најпопуларната партија во земјата, со десет процентни поени предност пред најблиските ривали.

Иако бројките од новиот попис ќе се знаат догодина, веќе е очигледен трендот во полза на католиците кои традиционално се склони кон ирско единство. Пописот од пред 10 години покажа дека само во групата постари од 60 години, постои битно мнозинство кои се идентификуваат како протестанти. Кај учениците, 51% се католици и само 35% се сметаат за протестанти, додека остатокот го отсликува сè поголемиот број на оние кои не сакаат да се изјаснат ни за едно ни за друго.

Нејасно е дали и како овој демографски пресврт ќе се прелее во поддршка за обединета Ирска. Двајца од тројца во Ирска го сакаат тоа, но во Северна Ирска нивниот удел е 35%.

Британија годишно одвојува 15 милијарди долари како поддршка за Северна Ирска. Кога ирски гласачи биле прашани дали се спремни да плаќаат данок за да го поддржат обединувањето, само 22% биле за. 

А како другите граѓани на Британија би се чувствувале кога не би можеле веќе да ја сметаат Северна Ирска како дел од Обединетото Кралство? Во април годинава, 46% рекле: „Не ми прави разлика, ни вака, ни така“.

 

23 октомври 2021 - 11:44