Кина како никогаш до сега фати да го расчистува загадувањето

По 40 години непрестанат економски развој претежно на погон на јаглен, земјата воведе „зелени политики“ кои се толку радикални и толку опсежни што можат да се почувствуваат низ цел свет. Во центарот на сето ова е како да се направи промената без да му се наштети на производството.

Во 2015 истражувачката група Беркли ерт, процени дека загадувањето на воздухот во земјата придонело за смртта на 1,6 милиони луѓе. Главни негативци во ова се нам добро познатите ПМ 2,5 честички, кои Кина ги шири од Монголија до Жолтото море.

За време на годишното Национално народно собрание, кога се собираат 2980 делегати на Комунистичката партија од цела Кина, беше објавено дека за годинава се предвидени 6,4 милијарди долари за намалување на јаглерод-двооксид и азотниот-оксид во воздухот за околу 3 проценти. На собранието беше соопштено дека бројот на денови со високо загадување во клучните градови е намалено 50% во изминатите 5 години.

Паралелно со расчистување на воздухот кинеската влада тера и дополнителна агенда: доминација во глобалната продажба на електрични автомобили. Кина од 2015 е најголемиот продавач на електрични автомобили во светот. За да го остварат ова Кинезите субвенционираат производители на електрични автомобили и ги стегаат законите околу автомобилите на фосилни горива.

Кина моментално инвестира два пати повеќе во енергија од обновливи извори отколку САД. Од таму доаѓа и  глобалниот пад на цените на соларните панели, бидејќи на Кина отпаѓаат две-третини од глобалното производство. Освен ветер и сонце, Кина ги истражува можностите за добивање енергија од водород како алтернатива на јагленот.

 

Проценките се дека глобалните инвестиции во енергија од обновливи извори во периодот од 2017 до 2040 ќе ја надминат сумата на 10 илјади милијарди долари. Од ова над 72% ќе бидат насочени за обновлива енергија од ветар и сонце.

Како што врвот на партијата одлучи да се тргне во офанзива против загадувањето, така беше составена и специјална полиција која ги затвораше фабриките што загадуваат, локалните власти послушно забранија користење јаглен во производството, кој најчесто е заменет со природен гас (оваа мерка потоа беше стопирана кога сред зима се создаде недостаток на природен гас).

Само 5 години по катастрофалното загадување, Кинезите успеаа минатата  година да ја намалат дневната концентрација на ПМ 2,5 честички во Пекинг за една третина од она што беше во 2015. Освен расчистување на воздухот, Кина престана да прима пратки со отпад од пластика и хартија од остатокот од светот.

13 март 2018 - 10:58