Ким Јонг-Ун: оставете ме на раат и ќе бидете раат од мене

Претседателот на Северот на својот колега од Југот му порачал дека комплетно ќе се откаже од нуклеарното оружје ако САД и формално потпишат крај на Корејската војна и дадат ветување дека веќе никогаш нема да ја нападнат Северна Кореја.

„Ако често се среќаваме и изградиме доверба со САД, и ако ветат крај на војната и се откажат од идна агресија, зошто ние и понатаму би живееле со проблемите од нуклеарното оружје,“ изјавил Ким Јонг-Ун за време на средбата со јужнокорејските функционери.

Ким ветувањето го проширил со покана до јужнокорејски и американски новинари и експерти да дојдат во Северна Кореја и лично да присуствуваат на гасењето на подземниот тест полигон за нуклеарки.

Американците веќе имаат подготвено две годишен план за растурање на севернокорејската нуклеарна програма, притоа барајќи истото да добие комплетна меѓународна верификација.

И покрај вратоломното темпо со кое напредуваат настаните на корејскиот полуостров, по децении статус-кво или влошување на работите, скептиците предупредуваат дека Северна Кореја и претходно давала слични ветувања за откажување од нуклеарното оружје без никаква намера да ги испочитува истите.

Во белешките од средбата меѓу двата корејски претседатели што ги објави портпаролот на јужнокорејската влада е и изјавата на Ким Јонг-Ун кој вели:

„Знам дека САД по природа се против нас, меѓутоа кога тие ќе разговараат со нас ќе видат дека јас не сум таков човек што би лансирал нуклеарки кон Југот, преку Пацификот или кон САД.“

На состаноците Јонг-Ун изразил подготвеност да започне дијалог и со Токио.

Освен добрата волја за сега не се знаат никакви детали околу тоа за колку време Северна Кореја планира да ја демонтира својата нуклеарна програма, дали за возврат ќе бара повлекување на американската армија од Јужна Кореја и дали како дел од мировниот договор ќе бара економска помош од САД и Јужна Кореја.


Потсетување на ѕвездите на самитот, телохранителите на Ким Јонг-Ун: