КазаПаунд, новиот екстремно-десен негативец од Италија

Партијата КазаПаунд прави Лигата да изгледа како разумни конзервативци од стара школа, и колку што е активна на терен, толку е незапирлива на интернет.

Минатиот месец припадници на КазаПаунд (CasaPound Italia - ЦПИ) излегоа на улица да протестираат и да спречат Роми да се вселат во социјални станови во Рим. Додека ромите беа испратени со помош на полициските специјалци, насобраните мавтаат со нацистички поздрав, придружен со бараж навреди и закани за силување.

Партијата речиси целото свое постоење го базира на проповедање на Езра Паунд, американски поет и симпатизер на фашистите кој ги застапува идеите на Мусолини за време на Втората светска војна. Воодушевеноста од идеите на Мусолини и неговите национал-социјалистички политики е заедничка за целото членство на ЦПИ.

Формирана е во 2003-та од група млади Италијанци кои се собираат во една зграда во Рим каде слушаат музика и расправаат за политика, а со тек на годините тие почнуваат да се појавуваат на избори.

Она во што ЦПИ е прилично успешна е непрекината кампања и мобилизација на своето членство што ги тера на ниво фудбалска навивачка група. На терен таа им нуди помош на заедниците во кои е присутна, меѓутоа само за Италијанците, освен тоа продава производи со свои слогани и обележја, регрутира нови членови и собира донации за свое финансирање.

Симболиката што ја користи ЦПИ е мешавина од иконографија од времето на Мусолини, во комбинација со Че Гевара, Карл Маркс, Корто Малтезе и јапонска манга. За разлика од стандардниот крајно десен стереотип: нуларица, мартинки и сл., активистите на ЦПИ се во неутрална секојдневна облека: фармерки и маичка.

Како медиумска стратегија ЦПИ има крајно драматични акции со окупација на објекти во кои треба да се сместат бегалци, фрлање димни бомби во училишта во знак на протест против образовни реформи и упаѓање во телевизиски програми за да се побунат против наклонетоста на телевизиите. Стандардно ова е проследено со стриминг во живо на нивните профили на социјалните медиуми.

Сето ова му овозможува на ЦПИ да го привлече вниманието на јавноста и посебно на италијанските медиуми кои  имаат ненаситен апетит за објавување содржини околу партијата.

За сега целото ова внимание не им донесе какво било институционално влијание. Тие се уште се без ниту еден пратеник во италијанскиот или ЕУ парламентот.  На општите избори во Италија во 2018 ЦПИ освои само 0,9% од гласовите.

30 мај 2019 - 13:01