Како се одвиваа терористичките напади во Париз

Во период од околу 40 минути Париз беше погоден од шест смртоносни напади, во кои загинаа над 120 лица.

Стад де Франс
Стадионот се тресе под ударите од три експлозии кои се случуваат во 21:17, 21:30 и 21:53 часот, за време на пријателскиот натпревар меѓу Франција и Германија. На 80-илјадната публика на стадионот не и е соопштена причината и тие веруваат дека станува збор за петарди. Играчите на теренот од време на време изгледаат збунети, ама продолжуваат со играње.

Во публиката се францускиот премиер и германскиот министер за надворешни работи. Оланд некаде околу 21:30 оди во контролната соба на стадионот за да се јави на телефонски повик. Како што се дознава причината за експлозијата, Оланд е изнесен од стадионот и е пренесен на безбедно во министерството за внатрешни работи, каде одржува состанок со членовите на владата.

Моментот кога Оланд е повикан во контролната соба

Натпреварот трае цели 90 минути, меѓутоа по последната свирка публиката влегува на терен бидејќи отворени се само 3 излези од стадионот. Играчите остануваат во своите соблекувални.

Се покажува дека тројца мажи, за кои се верува дека се терористи, загинале во експлозиите за кои се верува дека се случиле на двата излеза од стадионот и пред ресторан на Мекдоналдс. Се претпоставува дека сите тројца биле бомбаши самоубијци. Подоцнежните извештаи покажуваат дека еден од нив во себе имал сириски пасош. Кога конечно на навивачите им е дозволено да го напуштат стадионот, тие на излегување ја пеат француската химна. Подоцна се покажа дека уште едно лице загинало заедно со терористите, откако неидентификувани останки беа пронајдени до МекДоналдс.

Батаклан
Околу 1.500 луѓе се во малата концертна сала во источен Париз, на распродаден концерт на Иглс оф дет метал. Во 21:50, околу 45 минути по почетокот на концертот, напаѓачите отвораат оган во публиката. Облечени во црно и наоружани со Калашникови, четворицата напаѓачи - не постари од 25 години - пукаат смирено, рептетитивно и без некаков посебен ред, во густо насобраната публика. Убијците три или четири пати полнат муниција. Освен еден што извикува "Алах у Акбар" додека пука, останатите напаѓачи само молчат.

Испаничената публика се обидува да избега и да се скрие, сопнувајќи се преку мртвите тела, трчајќи од соба во соба додека бараат место за криење. Други се прекачуваат преку прозори, држејќи се за рамките на прозорецот за да не паднат на патот под нив. Напаѓачите задржуваат 20 лица.

"Јасно ги слушнав како им кажуваат: сето ова е кривица на Оланд, ова е кривица на вашиот претседател, тој не требаше да интервенира во Сирија," изјавил радио-водителот Пиер Јаназак, кој бегајќи преку тоалетот го чул викањето на терористите.

Оние кои се уште биле во објектот преку социјалните медиуми ја молеле полицијата да интервенира.

"Уште сум во Батаклан, на прв спрат. Тешко сум ранет. Ја молам полицијата да го започне својот напад, тука уште има живи луѓе ама ги убиваат еден по еден," гласи еден од твитовите.

Специјалците упаѓаат во објектот некаде на полноќ кога станува јасно дека терористите ги убиваат своите заробеници. Во рок од две минути сите терористи се мртви. Тројца од нив се самоубиле со активирање на бомби, а четвртиот бил застрелан. Како што ноќта се претвора во ден, билансот на мртви изнесува 87.

"Беше маскар. Луѓето врескаа, викаа и сите лежеа на под, и сето ова траеше 10 минути, 10 минути, 10 ужасни минути во кои сите беа на патос, покривајќи си ги главите," изјавил репортерот на француската радио станица Европа 1, Жулиен Пирс.

Ресторан La Belle Equipe, Руе де Шарон
На раскрсницата меѓу улиците Федерб и Шарон, околу 21:40 сведоците забележуваат како од автомобил излегува маж со големо калибарско оружје. Тој смирено почнува да пука кон луѓето кои уживаат во вечерата во ресторанот La Belle Equipe, кој е комплетно полн за време на типично прометната вечер. Гостите седат на терасата на ресторанот. Во рок од неколку секунди, веселата врева на вечерта се прекинува и сите, живи или мртви се на земја. Покрај истрелите можат да се чујат само врисоци и лелекања. Новинарот на Монд кој живее во близина сведочи "чув експлозии, и отидов до прозорот. Имам директен поглед на кафулето. Видов маж како излегува од автомобилот. Почна да пука. Луѓето почнаа да врискаат. Потоа мажот влезе во автомобилот и си замина."

Друг сведок дополнува: "Сето ова траеше неколку минути. Потоа влезе во автомобилот и се упати кон станицата на Шарон. Насекаде имаше крв." Се верува дека таму беа убиени 19 луѓе, меѓу кои и полицаец во цивилка.

Булеварот Волтер
Во 20:45 терорист го активираше самоубиствениот елек на булеварот Волтер, долгиот пат кој ги поврзува Плоштадот на Републиката и Плоштадот на нацијата. Се верува дека убиениот бил вклучен во нападот во близина на Батаклан. Токму на овој пат во јануари светските лидери маршираа за солидарност по нападите на Шарли Ебдо.

Le Carillon, Le Petit Camboge, Ру Алибер
Напаѓачот почнува да пука кон барот Le Carillon, во близина на плоштадот на Републиката, пред да се упати преку пат во ресторанот Le Petit Camboge. Од прва звучи како петарди, за по кратко време гостите да сфатат за што се работи.

Жена која од балкон ја гледа целата драма изјавила дека видела двајца напаѓачи кои на локацијата пристигнале со автомобили, од кои едниот имал белгиска регистрација. Неименуваниот сведок за Монд изјавил: "Видов една од двете коли кај мене пред куќа; го видов совозачот кој беше многу млад, би рекла меѓу 18 и 20 години." Друг сведок тврди дека пукањето дошло од Форд Фокус.

Девојка која доаѓа на локацијата по нападите ја раскажува целата ситуација. "Беше неверојатно, сите беа на земја. Никој не се мрдаше во Petit Camboge, а во Carillon сите беа на патос. Беше многу мирно - на луѓето не им беше јасно што се случува.

Момче носеше девојка во своите раце. Изгледа беше мртва."

Билансот е 14 мртви и многу повеќе сериозно повредени.

Casa Nostra, Ру де ла Фонтен-о-Роа
Облечен во тесна црна облека и наоружан со тешко оружје, напаѓачот во 21:30 отвора оган кон терасата на популарната пицерија.

Ја користи левата рака, и испукува рафали од по три до четири куршуми. Психотерапевтот Марк Колклу, кој е на десетина метри од кафулето кога почнува нападот, изјавува: "Тој стоеше во позиција за пукање. Десната нога му беше нанапред и се потпираше на левата нога. Автоматската пушка ја потпираше на левото рамо. Се' што носеше беше тесно, беа или чизми или чевли и пантолоните му беа тесни, џемперот што го носеше исто така тесен, без патент или крагна. Се беше во црна боја.

Ако помислиш како изгледаат војници, ова е тоа. Едноставно маж во воена униформа, црн џемпер, црни пантолони, црни чевли или чизми и автомат."

Најмалку тројца гости се покосени на нивните столчиња. Напаѓачот кој смирено се појавува без да изговори ниту збор прво пука од автомобил, пред да влезе во кафулето. Таму се слушаат уште истрели, пред сето тоа да се стиши. Кога полицијата пристигнува тие не успеваат да го најдат напаѓачот. Убиени се пет луѓе.

Гардијан
----------------
- Сè што до сега собравме за нападите во Париз

14 ноември 2015 - 19:40