Како Ел Чапо пак избега?

Пак, затоа што во 2001-ва во времето откако мексиканскиот Врховен суд ја одобри неговата екстрадиција во САД, тој успеа да избега во затвор криејќи се во количка за валкана облека. На полицијата и требаа 13 години за да го прибере. До викендов никој немаше избегано од затворот Алтиплано.

Меѓу мерките кои се превземени околу безбедноста на затворот е и зона за забрана на летови околу него, и комплетна забрана за комуницирање со мобилни во и околу затворот, која се спроведува со блокирање на сигналот и фреквенциите.

Затворските камери последен пат го имаат Ел Чапо на снимка во 20 часот и 52 минути, како влегува под туш. Од тогаш му се губи трагата. Според изјавата на Комесарот за јавна безбедност на Мексико, Гузман влегува во тунел, кој почнува веднаш под тушот во неговата ќелија.
Во тунелот се поставени шини на кои е ставен посебно модификуван мотор кој може да вози по нив. Ова е неговото превозно средство. Тунелот го нема ископано Чапо, туку тој бил таму како остаток од индустрискиот комплекс. Тунелот завршувал во куќа на 1,5 километар надвор од затворот.

Изборот на бегство преку тунел не изненадува, ако се знае дека во февруари тој за малку ќе го избегнеше апсењето од полицијата, со помош на тунел ископан под тушот во неговата викендичка (!!!). Гузман е и човекот кој пред една деценија ги измисли и ископа стотици нарко-тунели под границата меѓу Мексико и САД, преку кои се пренесуваат тони дрога во САД.

Жоакин Гузман Лоера, во Алтиплано беше од февруари минатата година кога е уапсен од мексиканските власти. Истите овие власти во наплив на навреденост одбија секаков предлог Гузман да биде екстрадиран во САД. Мексиканскиот претседател тогаш најави дека Гузман ќе одговара за својот криминал во Мексико.

"Кога известував во 2014-та, мексиканските функционери со кои зборував, со презир одговараа на секое споменување дека Гузман можеби пак ќе избега. Ме уверуваа дека во прашање беше националниот кредибилитет на Мексико: не можеа да дозволат Гузман пак да ги посрами додека цел свет ги гледа, " пишува Патрик Киф за Њујоркер.

Тој тврди дека бегството имало неколку предзнаци:

- мексиканскиот печат објавува непотврдена информација дека минатиот јули Ел Чапо ги организира затворениците на штрајк со глад, околу условите на сместување.

- во април се појави информацијата дека адвокатот на Гузман фалсификувал извод од матично за да внесе жена во Алтипано, во недозволена посета на Гузман. (Не се знае за што била таму жената, ама се знае дека за време на претходниот мандат во затвор, него му биле испорачувани цели групи проститутки.)

- во мај годинава, еден од синовите на Гузман на Твитер напиша "ви ветувам дека генералот наскоро ќе се врати." А пред 6 дена твитна "се' доаѓа за оние кои знаат како да чекаат."

Во истрагата по бегството од 2001-ва беше откриено дека Гузман ги имаше поткупено најголемиот дел од вработените во затворот. 71 вработен, вклучувајќи го и чуварот на затворот беа обвинети за соучесништво.

13 јули 2015 - 18:31