Како да контролираш 1,4 милијарди луѓе

До 2020 секој жител на Кина мора да биде дел од системот за општествен кредит, кој веќе ќе го индексира речиси секој потег на граѓаните (што до сега се пријавени) од неплатена сметка до убиство.

Заради тоа што низ годините се изнагледаа секакви функционери и ликови што напредуваат во општеството, дел од јавноста го поддржува ваквиот систем кој ќе ги рангира граѓаните и „ќе се знае кој е кој“. Слични вакви комерцијални системи кои се пуштени во оптек во Кина прибираат симпатии и со „поткуп“ на граѓаните, нудејќи им бенефиции како бесплатен апгрејд на авионски карти или земање рент-а-кар без депозит за оние со највисок кредит. За државниот систем вакви бенефиции би можеле да бидат, автоматско регистрирање возило, или добивање дозвола за некаде, или виза.

И покрај можните бенефити, неспоредливо натежнува уплавот од злоупотреба на системот, па дури и од правилна употреба. Алгоритмите кои ќе стојат зад системот се комплетна непознаница, ни како ќе функционираат, ниту како ќе рангираат, ниту што сè ќе биде земено предвид, а најверојатно сè ќе биде земено предвид.

Наспроти години минати под политиката за едно дете, денес Пекинг заради подмладување на нацијата (до 2035 очекуваат дека ќе имаат 400 милиони старци) се повеќе притиска за семејства со две деца. Во ваква ситуација не е јасно дали новиот систем ќе ги казнува жените кои останале сами, или ќе ги наградува ако решиле да ја прекинат кариерата со раѓање дете. Или пак каква ќе биде позицијата кон хомосексуалците.

Одбраната на системот што доаѓа од државните медиуми е дека на кинеската економија која созрева и е потребен апаратус кој добро функционира како американскиот ФИКО систем за кредитен рејтинг на граѓаните. Она што е суштинска разлика меѓу примерот и кинеската верзија е што во првиот случај податоците ги собираат три компании и тоа се исклучиво финансиски податоци за граѓаните, во вториот случај ќе се собираат секакви податоци а пристап до нив ќе имаат само кинеските безбедносните служби.

Згора на сето ова е и опасноста од упаѓање во ваквиот систем од авторизирани или неавторизирани лица, крадење и менување на податоците, или менување на рејтингот.

Оние што гледаат на позитивната страна на системот, објаснуваат дека тој ќе помогне кинеското општество да стане подобро, па ќе спречи „сопственици на станови да не го вратат депозитот за кирија што го земале, или луѓето на место да ги оставаат велосипедите што ги изнајмиле.“

„За успешно да работи, системот за социјален кредит изискува кинеските граѓани да веруваат во владата која не одговара пред никого и обемните, налик картел, корпорации. И тука лежи проблемот: тајна шема која воопшто нема кредибилитет, а буквално сака да го кодификува кредибилитетот во општество поверојатно е дека ќе ја поткопа довербата на јавноста отколку да ја зацврсти. Малкумина свесно би ризикувале да се пријават за таква шема; за жал, до 2020, ниту еден што живее во Народна република Кина - странец или Кинез - нема да го има тој избор,“ пишува Роберт Фојл Ханвик во Њу рипаблик.

10 мај 2018 - 16:35