Каде згреши Базфид со досието за Трамп

Вчера попладне Си-ен-ен објави сторија дека разузнавачките служби им предале на Трамп, на Обама и на осум високи члена на Конгресот меморандум од две страници во кои се сумирани обвинувањата дека руски агенти имаат компромитирачки информации за Трамп. Си-ен-ен одлучи да не го објави меморандумот затоа што не можеше независно да ги потврди обвинувањата во него. Некаде по 18:00 Базфид влезе во приказната.

Меморандумот што Си-ен-ен одбива да го објави затоа што нема потврда за неговата точност се базира на досие од 35 страници составено од британски разузнавачи. Наспроти претпазливоста на Си-ен-ен околу меморандумот, Базфид, подеднакво несигурни во точноста на содржината, решаваат да го објават целиот извештај од 35 страници.

Дури и во самиот пост Базфид признава одредени пропусти околу документот, наведувајќи дека полн со неверификувани тврдења кои: „не само што се непотврдени, туку содржат и некои очигледни грешки“.

Откако се крена галама за објавувањето на непроверен документ, уредникот на Базфид, Бен Смит во меил до своите вработени порачал:

„Наша намера е да бидеме транспарентни во нашето новинарство и да го споделуваме она што го имаме со нашите читатели... Во овој случај документот циркулираше во највисоките нивоа на американската влада и медиуми. Објавувањето на овој документ не беше лесно или едноставно, и луѓето од добра волја може да не се согласуваат со нашиот избор. Меѓутоа објавувањето на досието одразува како ние ја гледаме работата на новинарите во 2017.“

Во делот со циркулацијата на документот, Смит алудира на фактот дека тој веќе бил разгледан од група медиуми што ги вклучува Си-ен-ен, Политико, Ловфеар, како и тоа дека во октомври Мадер Џоунс објави сторија базирана на информации собрани од британски разузнавачи.

Иако верува дека резонирањето на Смит е искрено и не е злонамерно, Дејвид Грем од Атлантик објаснува дека самиот начин на кој е поставена сторијата, дека Базфид ги објавува документите за американската јавност сама да процени околу обвинувањата за Трамп, е крајно сомничав и вознемирувачки.

„Прво, некоректно присилува јавна личност - во случајов Трамп - да одговори на обвинувања кои може се, може и не се, комплетно навредливи; самите новинари, според нивно лично признание, не го знаат ова. Второ, повикувањето на 'транспарентност', претставува одрекување од основната одговорност на новинарството. Работата на новинарот не е едноставно да истури колку може повеќе информации во јавноста, иако и тоа понекогаш може да биде корисно, како што покажаа некои откритија од Викиликс. Негова работа е да собере информации, да ги анализира, и да одлучи што е вистина а што не е. Целта на професионални новинари е да се има луѓе чија должност ќе биде да ја завршат таа работа во име на општеството, кои можат да култивираат извори и експертиза што ќе им помогнат да расудат. Иако е потребна разноликост за да се спречи монолитно размислување меѓу новинарите, транспарентно пренесување на погрешни информации не е ништо подобро од немање никакви информации“, пишува Грем.

Тој оценува дека ваквото однесување - еве ги фактите, па ти процени што е точно а што не - е идентично на она што доведе вооружен маж да влезе и да испука неколку куршуми во пицерија во Вашингтон, „самоистражувајќи“ ги тврдења дека таа е седиште на педофилска организација.

Иако има суштинска разлика меѓу Пицагејт и објавувањето документи од Базфид, главниот проблем што ќе го предизвика ова второто е што ќе го наруши кредибилитетот на објавена информација од меинстрим медиум. Ова веднаш се виде во реакцијата на Трамп, чии први зборови во твитот беа „ЛАЖНИ ВЕСТИ“.

„Кога сериозни и чесни медиуми објавуваат информации за чија точност не можат да гарантираат, тие само им олеснуваат на критичарите на печатот да го обележат целото новинарско известување со кое не се согласуваат како 'лажни вести'.

Ако за досието на Трамп се покаже дека е полно со неточни информации, тоа ќе се појавува секој пат кога ќе има дебата за кредибилноста на обвинувањата против Трамп“, пишува Грем.

11 јануари 2017 - 14:57