Италија има синдикат

Италијанските синдикати одбија да натоварат брод на Саудиска Арабија страхувајќи дека товарот може да биде употребен против цивилни цели во 4 годишните страдања во Јемен.

Саудискиот карго брод кој може да постигне вкупна тежина од 50.714 тони, на почетокот на овој месец бил накрцкан со оружје во белгиското пристаниште Антверп.

Друга тура оружје требаше да земе во едно француско пристаниште но група мировни активисти го спречија утоварот зашто сметаат дека тоа е спротивно на правилата на ОН и дека оружјето може да биде искористено против цивилни цели, во повеќегодишната војна во која воена коaлиција предводена од Саудиска Арабија пробува да ги скрши Хутите кои пак имаат поддршка од Иран.

Следна станица на бродот Бахри Јанбу беше Италија. Синдикатите од Џенова првично пробаа да не му ни дозволат на бродот да стигне до доковите но откако тој сепак успеа, одбија да го товараат. Иако од Италија бродот требало да земе само електрични агрегатори, тие одбиле да го товарат со истата мотивација, не сакаат да имаат никаква врска со страдањата на цивилите во Јемен.  

Делумно натоварениот брод треба да стигне денес до својата крајна дестинација во Џеда.

Факти за Јемен и војната:

  • Се работи за убедливо најголемата хуманитарна криза на денешнината бидејќи на 22 милиони луѓе (три четвртини од населението) им е неопходен некаков вид хуманитарна помош.
  • Три милиони луѓе морале да ги напуштат своите домови.
  • Во конфликтот се регрутираат и деца. Истовремено, околу 2.500 училишта се уништени или оштетени до ниво на кое веќе не можат да се користат.
  • На секои 10 минути умира по едно дете помало од 5 години.
  • 8,4 милиони луѓе не знаат кога ќе го имаат следниот оброк.
  • Земјата живее со епидемија од колера од која страдаат над милион луѓе.
  • Саудиска Арабија ги блокира пристаништата кои се единствениот канал за достава на помош.
  • Во војната досега загинале околу 40.000 лица, добар дел од нив цивили.

 

22 мај 2019 - 12:00