Хрватска во еврозоната е Грција 2.0

Ако Хрватска влезе во еврозоната, Путин ќе го добие најсилното оружје во ЕУ, проценуваат од тинк-тенкот Лексингтон

„На барање на своите најмлади членки, Брисел ги разгледува опциите за понатамошно проширување на еврозоната па веќе се спомнуваат можни датуми за тоа. Проблемот е што тоа може да ја загрози не само стабилноста на еврозоната туку и иднината на самата Европска Унија“, пишува за Еуроњуз експертот за национална сигурност Теодор Карасик од Лексингтон институтот.

Накратко, опасноста е во тоа што Русија досега многу умешно ја искористи коруптивноста на хрватскиот политички систем, особено неговото правосудството, за да зафати влијателни позиции во финансискиот и енергетскиот сектор  на таа држава.

Тоа меко влегување започна со случајот Агрокор. Во 2017, ЕУ за малку го избегна сценариото „Грција 2.0“ кога најголемата национална компанија доби државна помош за да избегне колапс. За волуменот на тој случај говорат фактите: приходите на Агрокор носат околу 15% од БДП-то на Хрватска. Описно: Агрокор за Хрватска е колку цел Лондон за Обединетото кралство. Пропаѓањето на компанијата можеше да го уништи хрватското стопанство а со околу 60.000 вработени во југоисточна Европа и годишна продажба од 6,5 милијарди евра, распадот на оваа компанија можеше да предизвика домино-ефект на финансиска нестабилноста во целиот регион.

Тоа не се случи благодарејќи на Путин. Акцијата на спасување заврши со одобрение две руски банки, Сбербанк и ВТБ, да преземат 47% од уделот во Агрокор. На тој начин, Путин доби сериозен канал на влијание врз хрватската економија. Брзо потоа, Газпром ја искористи про-руската политичка расположеност и потпиша 10 годишен договор за испорака на една милијарда кубни метри плин годишно за Хрватска. Со оглед на тоа што 70% од пазарот е веќе покриен, Хрватска нема потреба од друг увоз а со тоа беше одвратена и од изградба на алтернативната рута преку Крк, која ја поддржуваат ЕУ и САД.

Рошавото хрватско правосудство ја постави трасата за руска финансиска и енергетска доминација. На тој начин Русија се инфилтрира на Балканот и добива интересен маневарски простор за евентуални субверзии кон ЕУ и бранење на своите национални интереси на поширок простор.

А не како што драмат домашниве пацери кои нагалено си се викаат аналитичари, дека овој или оној бил платен во рубљи за да се качи на гајба во Жена парк и да протестира против НАТО.

23 јануари 2019 - 10:32