Глобалната нееднаквост објаснета со американскиот фрижидер

На хорските повици од Европа и Запад да се штеди струја заради енергетската криза генерално и украинската војна посебно, африканските лидери потсетуваат: „Блазе си ви, имате што да штедите“. Еве факт: еден просечен фрижидер во САД годишно троши повеќе од еден просечен човек во дузина земји во светот.

Фрижидер од модерните годишно срка околу 450 киловати. Еркондишн од ефикасните нешто повеќе - 488 киловати. Бидејќи киловат не секому значи многу, еве го тоа во контекст:

Накратко, само фрижидер или само еркондишн, годишно троши повеќе струја од човек во некои земји за сите негови вкупни потреби во текот на цела година.

Финтата не е западните луѓе да престанат да користат вакви уреди туку да биде јасно дека на милиони луѓе ширум светот тие им се недостапни заради немање пристап до стабилна енергија и сиромаштија.

САД во 2020 година имаа рекордно долго време во кое граѓаните останале без струја - 8 часа во текот на цела таа година. Од друга страна, во Демократска Република Конго само 10% од луѓето имаат пристап до струја.

Во САД 91% луѓе живеат со клима уред. Во Индија само 10%. Ама затоа, за вториве постојат студии за користа од алтернативни начини за ладење и за благопријатноста на идејата да се фаќа сенка.

Таканаречената енергетска сиромаштија е причина за големи здравствени проблеми (годишно од загаден воздух во затворени простории умираат 3,8 милиони луѓе) но таа истовремено ги држи тие земји во секаква друга сиромаштија.

Запад е особено лицемерен кога заради постигнување на глобални климатски цели, и на на сиромашниот југ им наложува рестрикциии за користење фосилни горива (во услови кога еден северен фрижидер троши повеќе од јужен човек).

Кога војната во Украина и последователните санкции ја зголемија можноста Германија да биде отсечена од рускиот природен гас, приоритетите во Европа целосно се променија. Одеднаш, ултра-зелената Германија почна да зборува за проширување на употребата на јагленот. 

„Африканските лидери ќе речат: „Енергетската безбедност очигледно е главен приоритет за Европа, но енергетската безбедност е исто толку итна и за нас, само малку поинаку: ние немаме енергија. Само затоа што вие ја имате, не значи дека имате повеќе право на неа од нас,“ вели Тод Мос од иницијативата Енергија за развој. 

Ваквите масивни енергетски нееднаквости и човечките страдања поврзани со недостатокот на енергија, богатите земји од Запад би требало некогаш да ги земат предвид кога носат одлуки кои го засегаат и остатокот на светот.

22 мај 2022 - 15:30