Фудбалскиот навивач што ги откри криминалите на најбогатата Африканка

Португалецот Руи Пинто кој од гнев кон фудбалската индустрија го започнува сајтот Фудбал ликс, на кој објавува матни зделки и измами што се прават зад сцената, е човекот кој случајно доаѓа до документите за измамите на Изабел дос Сантос, најбогатата жена во Африка.

Пинто главно доаѓа до информациите преку хакирање, заради што и моментално е на суд во Португалија. Во 2018 Пинто на непрофитната организација ППЛААФ (Platform to Protect Whistleblowers in Africa)  и предава хард-диск со податоци за бизнис империјата на Дос Сантос, која се проценува на 2,2 милијарди долари. ППЛААФ која документите за Дос Сантос му ги предаде на Меѓународниот конзорциум на истражувачки новинари (ICIJ), деновиве објави дека Пинто е нивниот извор.

Дискот содржи над 700.000 мејлови, договори, ревизии и сметководствени детали од работата на Дос Сантос, инаку ќерка на Жозе Едуардо дос Сантос, кој 38 години владееше со Ангола. Документите се сведуваат на тоа дека Изабел со потпис на нејзиниот татко стекнувала значителен удел во витални индустрии во земјата како телекомуникации, дијаманти и градежништво.

Пинто до ова стига кога го хакира компјутерскиот сервер на португалската адвокатска канцеларија - ПЛМЈ. Таму меѓу другото наидува на брифинг од 16 страници на кои ПЛМЈ ја советуваат Изабел околу даночните предности за основање компанија на Малта. По објавувањето на документите минатата недела, Дос Сантос беше наведена како осомничена во истрагата на анголските власти за проневера на фондови за време на нејзиното управување со државниот нафтен гигант Сонангол.

Само во ноември 2017, месецот кога таа е сменета од водечката позиција во Сонангол, од сметката на компанијата во Еуробик (португалска банка во која Дос Сантос е најголемиот акционер) извадени се 57 милиони долари за исплаќање на лавина фактури пуштени од компанија од Дубаи во сопственост на пријател на Дос Сантос. Пред некој ден беше објавено дека банкарот одговорен за сметката на Сонангол во Еуробик е најден мртов во неговиот дом во Лисабон.

Работата на Пинто доведе до истраги за избегнување данок од повеќе врвни фудбалери, за тоа како Манчестер сити се обидувал да ги заобиколи финансиските ограничувања наметнати од УЕФА (што може да заврши со негово протерување од Лигата на шампиони) како и повторно отворање на истрагата за сексуален напад од страна на Кристијано Роналдо.

Против Пинто има 90 обвиненија и доколку биде прогласен за виновен го чека 25-годишна казна затвор.

27 јануари 2020 - 11:51