Франција се подготвува за голема војна

Ако пред 30 години беа само мировници, за подоцна да се зафатат со контра-тероризам дома и во странство, францускиот генералаштаб ја гледа својата армија спремна за 10 години во секој момент да вади дивизии од по 25.000 луѓе и да се тепа држава на држава. Непријателот засега е анонимен но погледите одат кон Русија, Турција или северна Африка.  

Во областа Шампањ-Арден се прават подготовки за воената вежба Орион каква француската војска не извела со децении. На замисленото бојно поле, во 2023 година ќе се излезе со сиот капацитет на армијата, ќе учествуваат околу 10.000 војници, ќе се вежбаат командни решенија, хибридни сценарија, потези на авијацијата а ќе има и одделна, морнаричка секвенца. Можеби ќе се придружат и белгиски, британски и американски сили.

10.000 ангажирани војници е само чекор до она што француската војска си го има поставено како цел за 2030: да биде подготвена во секој момент да вади борбено подготвени дивизии од по 25.000 луѓе.

Ова е сeизмичка промена за нивната армија и воена стратегија: ако пред 30-тина години беа главно мировници за подоцна да се префрлат на контра-тероризам (во странство, со операцијата Баркан во африканскиот појас Сахел или дома со операцијата Сентинел во која ангажираа 10.000 војници и 4,700 полицајци по терористичките напади во Париз), Франција во 2030 година треба да биде подготвена за вистинска војна од висок интензитет, еден на еден. Непријателот е анонимен но експерти упатуваат погледи кон Русија, Турција, Северна Африка или некоја комбинација. 

На почетокот на годинава, генералштабот формираше десет работни групи кои треба да ја операционализираат стратешката визија за 2030 година на првиот човек на армијата, генералот Тјери Буркар, која беше објавена лани. 

Меѓу целите на групите се модернизација, обнова на моторизираните единици, проценки на залихите муниција,  но и издржливоста на општеството, вклучувајќи проценки „дали граѓаните се подготвени да прифатат такви нивоа на жртви кои не се доживеани од Втората светска војна“, вели еден од учесниците. 

За разлика од некои други држави, новата француска стратегија не се потпира целосно на идејата дека технологијата ќе го промени начинот на војување.

„Технологијата никогаш не е 100% доверлива. Нашите војници ќе мора да знаат да војуваат и во деградирани услови, кога таа ќе откаже,“ порачува генерал Буркар најавувајќи дека во наредниот период, подготвеноста на армијата ќе биде сè побрутално тестирана.

Во многу аспекти, францускиот пристап кон идните војни се разликува од британскиот во кој доминира визијата за висока технологија. Франција ќе задржи 60% повеќе војници од Британија и 50% повеќе тенкови. 

Кога Макрон стана претседател во 2017 година, армиските кругови беа скептични кон неговата посветеност на нивниот сектор. Откако спроведе неколку краткорочни намалувања на трошоците, тој дојде во јавен судир со тогашниот прв човек на генералштабот, генералот Пјер де Ливиер кој брзо беше принуден да даде оставка.

Но, оттогаш Макрон почна да спроведува тешки инвестиции во војската. Воениот буџет за 2019-25 е сериозно зголемен и до крајот на тој период ќе изнесува 50 милијарди евра годишно, што е за 46% повеќе од нивото во 2018 година.

20 април 2021 - 10:18