Филмското убиство на новинарката од Панама документите

Повеќе од една година по објавувањето на Панама документите, малтешката новинарка и една од учесничките во истрагата Дафне Каруана Галиција, загина од експлозив подметнат во нејзиниот автомобил. Неодамна за убиството беа уапсени десет лица.

Експлозијата во која загинува 53-годишната Галиција, е активирана со СМС порака, испратена од брод во водите околу Малта.

Експлозивната направа која на себе имала и електронски приемник, утрото на 16-ти октомври била закачена на автомобилот на Галиција.

За нападот се уапсени браќата Џорџ и Алфред Деџорџо, и Винсент Мускат. Се верува дека убиството го извршил Џорџ Деџорџо, кој бил на бродот и ја испратил СМС пораката што го активирала експлозивот. Џорџ ја испраќа пораката откако добива сигнал од брат му.

Откако по првичната истрага се објави дека за бомбата е користен пластичен експлозив Семтекс, шпекулациите беа дека таа најверојатно е составена надвор од островот. По апсењето на десеттемина оваа вест се негираше и од повеќе извори беше соопштено дека бил користен ТНТ.

Останатите седуммина уапсени се ослободени со кауција.

Убиената новинарка е позната по тоа што ги употреби информациите од Панама документите за да објави нелегални активности меѓу луѓето блиски на премиерот на Малта и азербејџанското владејачко семејство.

9 декември 2017 - 15:32