Европски држави ја враќаат кинеската опрема како неисправна

Одреден број влади од Европа ја одбија кинеската опрема за справување со коронавирусот затоа што била подстандардна или дефектна.

Холандското министерство за здравство викендов објави дека повлекува 600.000 маски за лице кои пристигнале од Кина и веќе биле распределени во болниците. Причина за ова е дека маските се мали и дека нивните филтри не работат како што треба и покрај тоа што добиле сертификат за квалитет.

Потоа и шпанската влада објави дека имала слични проблеми со тестовите за ковид-19 што ги има нарачано од една кинеска компанија. Се работи за нарачка од стотици илјади тестови, од кои според Шпанците 60.000 не можеле правилно да утврдат дали пациентот има вирус.

Кинеската амбасада во Шпанија веднаш реагираше дека тестовите се произведени од Шензен биоизи биотехнолоџи (Shenzhen Bioeasy Biotechnology), која нема официјална лиценца од кинеските медицински власти за да ги продава своите производи. Тие појасниле и дека опремата и материјалите донирани од кинеската влада и од Алибаба, не вклучуваат производи од Шензен биоизи биотехнолоџи.

Турција објави дека открила дека одредени прибори за тестирање нарачани од кинески компании не биле доволно прецизни, иако околу 350.000 тестови одлично завршиле работа.

Минатата недела „министерот за надворешни“ на ЕУ, Жозеп Борел, предупреди дека помошта од Кина има и „гео-политичка компонента вклучувајќи и борба за влијание преку спинување и ’политика на дарежливост’.“

Моментално 7 од 10-те држави со најголем број заразени на светот се од Европа. Од нив Италија е на второто место и неодамна го надмина бројот на 100.000 заразени и 10.000 мртви. Шпанија е трета со над 102.000 заразени и 9.000 мртви.

1 април 2020 - 15:42