Дали ЕУ ја има освоено територијата источно од Елба?

Римските императори не се осмелувале да прегазат источно од Елба. Исто и Карло Велики. Векови подоцна, иако е денес река која минува низ една  земја, источно од неа луѓето се поблиски до некогашните идеолошки браќа од комунизмот, отколку од сегашните браќа по националност. 

„Замислете ја Европа како пар бели дробови. Елба е местото каде што двата бели дроба се среќаваат“, вели Рајнер Хаселоф, државниот премиер на Саксонија-Анхалт за реката што пресекува остра дијагонална линија од Северно Море до полско-чешката граница и најмалку 21 век е повеќе од само воден пат.

Римските императори не се осмелиле да се впуштат зад Елба а во средниот век таа ја означува источната граница на империјата на Карло Велики.

Нацистичката партија го направи својот пробив во конзервативно ориентираните земјишта на Источна Елбија и железната завеса, со која реката се најде претежно во комунистичкиот исток, само додавајќи ѝ воена димензија на вековната културна поделба меѓу главно протестантската Германија на Елба, свртена кон исток, и покатоличката западна Германија на Рајна.

Сојузните избори во земјата на 24 септември најверојатно ќе послужат како потсетник дека, речиси 30 години по падот на Берлинскиот ѕид, водите на Елба сè уште брег ронат. „Географскиот центар на Европа лежи источно од Елба“, вели Хаселоф, политичар во Христијанско-демократската унија на Ангела Меркел. „Потценувањето на тој факт е проблем што се провлекува низ сите демократски партии во Германија, вклучувајќи ја и мојата“.

Ако Алтернатива за Германија (АфД) стане првата отворено националистичка партија што ќе влезе во германскиот парламент од 1961 година, тоа во голема мера ќе се должи на нејзиниот успех на исток. Со просек од околу 7 отсто во стариот западен дел според последните анкети, партијата ќе добие меѓу 11% и 22% во сите источни држави освен Берлин. Веќе на второто место во Мекленбург-Западна Померанија, Саксонија и Тирингија, АфД има реални надежи да ја замени партијата Левица како главен протестен глас во источна Германија.

Источно од Елба, каде што канцеларката месецов закажа непропорционално голем број кампањи, е и местото каде што нејзините одлуки во екот на бегалската криза наидоа на најжестоки критики.

Едно истражување од април 2017 година укажува дека социјалните ставови кон ова прашање во поранешните источногермански делови остануваат повеќе на линија со источните европски земји, како Унгарија, отколку со западниот дел на земјата.

Патувањето со ферибот низ Елба меѓу Долна Саксонија и Мекленбург-Западна Померанија ја илустрира оваа поделба. Во Хицакер, градот од 16 век со лековити бањи, на западните брегови на реката, улиците кон центарот се преполни со постери на христијанските демократи и на зелените.

Меѓутоа, право по реката во Демиц, секоја втора светилка е облечена во сината и црвената боја од изборните постери на АфД. Партијата, која се залага за построги гранични контроли и сака да го копира швајцарскиот модел на директна демократија базирана на референдуми, минатата година успеа да освои 20 отсто од гласовите на населението на државните избори.

Социјалниот микс на Хицакер е невообичаено разновиден за најретко населениот регион во земјата: многу урбанисти од средната класа што во 1970-тите протестираа против локацијата за складирање нуклеарен отпад во близина на Горлебен, подоцна се повлекоа тука, меѓу фармерите и постарите земјопоседнички господа. Во полудрвените згради на градскиот плоштад има органски градинар, хомеопатски терапевт и продавница за продажба на керамички цветни вазни што велосипедистите можат да ги прикачат на своите рачки.

Герхард Хардер, поранешен учител од Хамбург, вели дека за време на бегалската криза во 2015 година „сите се вклучија. Некои постари дами буквално се тепаа кој да земе поединечни бегалци“. Единствено жалат за тоа што многу азиланти оттогаш се преселија во поголемите градови.

Таквите ставови потешко ќе се најдат во Демиц, кој порано беше најголемото пристаниште меѓу Хамбург и Магдебург.

Градоначалникот, Хелмут Боде, член на ЦДУ и повремен инструктор за возење, вели дека источногерманската држава активно го обесхрабруваше социјалниот микс што е карактеристичен за Хицакер. „СЕД (владејачката партија на источна Германија) немаше интерес да ги направи граничните зони привлечни за живеење. Последното нешто што го сакаше беше интелигентни или креативни луѓе да живеат толку близу до запад“.

По економското преструктурирање по 1989 година многу од градските згради останаа во рацете на сопственици што живееја на други места и не сакаа да инвестираат во нивното одржување. Една од двете фабрики беше затворена; другата беше редуцирана. Во последните три децении популацијата на Демиц падна за една третина. Големиот трговски центар во срцето на градот лежи празен, а музејот годинава мораше да биде затворен поради занемареност.

Во 2015 година Демиц зеде 30 бегалци. „Некои од нив беа и многу образовани“, вели Боде. „Но на крајот тие се отселија бидејќи не можеа да најдат работа“.

Сепак, економијата само делумно ја објаснува новата културна поделба. Левица посвети три цели страници од својот изборен манифест за тоа како би донела „еднаков животен стандард на исток и запад“. Во меѓувреме, АфД повика да се укине на данокот на наследство, еден од механизмите за премостување на јазот во богатството помеѓу истокот и западот.

Членовите на источната фракција на партијата имаат навика да нагласуваат еден период во кој истокот ѝ ги диктирал условите на Германија на Рајна. Лидерот на Тирингија, Бјорн Хоке, повика на заживување на „пруските вредности“, додека заедничкиот изборен кандидат, Александер Голанд, рече дека германската политика кон Русија треба да биде инспирирана од Ото фон Бизмарк, прускиот државник и прв канцелар на Германија, кој е роден на бреговите на Елба.

Андре Погенбург, кој ја предводи АфД во Саксонија-Анхалт, повикува на централизиран образовен систем фокусиран на „класичните пруски доблести како што се директноста, чувството за правда, чесноста, дисциплината, точноста, уредноста, напорната работа и послушноста“. Тој за Гардијан вели: „Едно треба да биде јасно: АфД не сака револуција, но сакаме темелна реформа за да ја направиме Германија посоодветна за менталитетот на истокот и тукашните импулси“.

Противењето на ваквите идеи, вели Погенбург, се однесува на „силното левичарско движење“, кое „сака да спречи сè што ја обединува и ја зајакнува Германија“.

Запрашан каква економска политика нуди неговата партија за да го премости јазот помеѓу истокот и западот, Погенбург вели дека парите што во моментов се инвестираат во она што тој го смета за „непотребни проекти“, како што се курсевите за интеграција на барателите на азил, треба да се користат за финансирање на нова образовна шема за средни бизниси.

За Меркел, која е родена на Елба, но во Хамбург, во стариот запад - еден од најголемите домашни предизвици во нејзиниот четврти мандат ќе биде да ја врати довербата кај источните Германци отуѓени од нејзиното водење на земјата низ бегалската криза, меѓу кои и некои во нејзината сопствена партија. Хаселоф, исто како Меркел поранешен научник, израснат на исток, и некогаш сметан за еден од нејзините блиски сојузници, има став за имиграцијата што некогаш е тешко да се разликува од оној на АфД.

„Ако се грижиме за зачувување на внатрешната целовитост на Европа, тогаш треба да најдеме решение за проблемот со миграцијата што гарантира одредена културна еднородност и не го пренапрегнува домашното население“, вели тој.

„А нам пред сè ни треба трпение. Библијата вели: Бог ги памти гревовите на татковците кај децата, до третата и четвртата генерација. Европа и Германија дури кон крајот на овој век ќе ги избришат последните траги од старата железна завеса.“