Белорусија ќе ги казнува невработените

На портите на Аушвиц стоеше дека работата го ослободува човекот. Лукашенко нема против, само би додал: И обратно.

Господарот на Белорусија планира да воведе казни за невработените. Меѓу другото, би се казнувале и со присилна работа.

"Вратете го терминот општествен паразитизам, така луѓето полесно ќе разберат," го цитираат медиуми Лукашенко како на владина седница на тема вработување го оживува концептот кој важеше во Советскиот Сојуз по кој никој не треба да седи без работа бидејќи комунизмот треба да го градат сите заедно. 

На своите поданици од Владата им најавил дека треба да ги искористат сите средства за да се натераат оние кои намерно не работат да го сменат својот став кон трудот. Притоа, 1-ви јануари 2015-та го поставил како рок од кој ќе почнат непредомислените да се казнуваат.

Белорусија е земја со најниска стапка на невработеност во Европа.Официјалната статистика вели  еден процент додека реалистичките проценки сугерираат дека невработеноста се движи околу 10 посто.

Пред две години, Лукашенко им забрани на вработените во дрвната индустрија да дадат отказ без одобрение од нивниот претпоставен а минатиот мај таква регулатива донесе и за земјоделците од аграрните комбинати.

Општествениот паразитизам беше кривично дело во Советскиот Сојуз од 1936-та до 1991-ва. Најпознат осуденик по оваа основа беше нобеловеоцот Јосиф Бродски кој не успеа да ги убеди тогашните власти дека негова работа е да пишува поезија.

28 октомври 2014 - 13:37