Бејрут пак се претвори во Бејрут

Сред протести во Бејрут околу истрагата за експлозијата на пристаништето инстантно беа извадени ракетни фрлачи, снајпери и калашникови. Во најтешките судири во последниве 10 години, загинаа најмалку 6 луѓе и дузини ранети и повредени.

Стандардно судирот беше во верска линија, а започна за време на протестот на шиитските политички партии Амал и Хезболах против судската истрага околу експлозијата на пристаништето во Бејрут.

Насилството почнува со снајперски оган од една од станбените згради кон демонстрантите, на што демонстрантите возвратија со оган од Калашников и ракетни фрлачи. Хезболах тврди дека на нив е пукано од снајперисти на десничарските Христијански либански сили.

Судирот се случува во близина на некогашните фронтовски линии од граѓанската војна во Либан меѓу христијаните и муслиманите. Во престрелките кои траеа околу четири часа сите загинати се од страната на шиитите.

Ова е за време на демонстрациите, додека пукањата уште не беа почнати:

Демонстрантите бараа отстранување на судијата Тарек Битар што ја води истрагата за експлозијата која срамни половина град и уби над 200 луѓе, а рани илјадници. Битар неделава даде налог за апсење на Али Хасан Кали, поранешниот министер за финансии и висок функционер на Амал. Тој исто така даде налог за апсење на поранешен пратеник и поранешен министер за внатрешни работи.

Голем број од владејачката елита на Либан, вклучително и политичарите, со Устав имаат имунитет од кривично гонење, но по експлозијата се повеќе луѓе повикуваат на укинување на тој имунитет за потребите на оваа истрага.

15 октомври 2021 - 09:55