Бајден: Киев може ќе падне

Сижето од телефонскиот разговор е: Бајден не може да го убеди украинскиот претседател дека Русија во секој момент ќе нападне, Зеленски не може да го убеди американскиот претседател дека работите не се толку црни како што тоа нему му изгледа.

Иако имаше извештаи дека телефонскиот разговор меѓу Бајден и Зеленски бил драматично остар, Си-ен-ен може само да потврди дека имало несогласување околу итноста на потенцијалната инвазија од Русија.

За Бајден, врз основа на тоа што брифираат сите разузнавачи, руската инвазија е неизбежна, и му нагласил на Зеленски дека Киев може да падне и дека земјата треба да се подготви за напад. Информацијата што ја пренел Бајден е дека инвазијата сигурно ќе се случи во вториот дел од февруари кога временските услови ќе помогнат тлото во регионот да биде позамрзнато од сега.

За Зеленски, врз основа на податоци од украинското воено и не воено разузнавање, заканата од Русија не е толку директна, и сосема е можно да не се случи инвазија.

Меѓу останатите лоши, но генерално очекувани, вести што ги добил Зеленски е дека Украина нема да добие од САД дополнително софистицирано вооружување, ниту пак дека САД ќе испратат свои војници во земјата, дека нема да има напредок околу членството во НАТО и дека врз Русија нема однапред да бидат наметнати санкции.

САД прв пат ја предупредија Украина за инвазија уште на 10 ноември 2021, пред речиси 80 денови.

28 јануари 2022 - 10:59