Америко гости ти доаѓаат

Стотици мигранти го пробија полицискиот кордон во Тапачула на југот од Мексико, на самата граница со Гватемала, и пешки го продолжија својот пат кон границата на САД, до која имаат уште најмалку 1800 километри.

Мигрантите некое време беа заглавени од полицијата на автопатот во близина на Тапачула. Откако го пробија кордонот од околу 400 полицајци, тие испешачиле уште неполни 10 километри пред да застанат во близина на едно село и да преноќат.

Оваа група од над 3.000 лица е само дел од десетици илјади мигранти од Хондурас, Ел Салвадор и Хаити кои со недели чекаат во бегалскиот центар во близина на границата со Гватемала за да добијат документи за бегалци или азил, кои ќе им дозволат да патуваат.

Дел од мигрантите тврдат дека планираат да останат во Мексико и таму да најдат работа, додека другите отворено кажуваат дека се на пат кон САД.

Пред некое време американските власти преку ноќ расчистија еден привремен камп со над 15.000 бегалци главно од Хаити кои се собраа до едно погранично гратче во Тексас.

Оваа фискална година американските власти имаат уапсено над 1,7 милиони мигранти на границата со Мексико, што е американски рекорд.

25 октомври 2021 - 10:01