Американските политики како руска матрјошка

Политичките противници на Трамп уште се шокирани од неговото еднострано започнување трговска војна со Кина. Во суштина се работи за истата агенда која ја спроведуваше и Обама, кој се попираше на Клинтон, кој се потпираше на Буш... Некогаш таа се шитка како американски патриотизам (Трамп) а другпат како грижа за човекови права (Клинтон).

Како и секоја друга меѓународна трговија, и онаа меѓу САД и Кина е резултат на политички аранжман. Не постои нешто што е „природна“ или „слободна“ трговија. Тоа што огромна мануфактура на почетокот на веков се префли од САД во Кина е затоа што двете држави имплементираа политики кои беа дизајнирани за да се добие таков епилог. 

Има неколку клучни параметри на овој однос: пониската плата (во САД просечна сатница е 27,83 долари на час, во Кина 3,40 долари) и  слабиот јуан, кој им одговара на Кинезите па чуваат бекап од 4 трилиони во долари, за да го држат доларот јак во однос на нивната валута. Со други зборови, САД извезуваа мануфактурни работни места и валкани технологии за да добијат евтини производи и поголеми корпоративни профити. Тоа е суштината на таа „слободна трговија“ која едно време оптимистички ја викаа „глобализација“ а во поново време сè почесто се означува како „неолиберализам“.

Рамката ја постави Бил Клинтон потпирајќи се на некои идеи од Џорџ Дуплове Буш и аналитичари ценети од конзервативниот камп. Клинтон на аранжманот му захефта морална нота маскирајќи ги интересите на реал-политиката во фрази за човекови права и меѓународна добра воља  

Во 2.000-та година Клинтон изјавуваше дека слободната трговија со Кина „најверојатно ќе има суштинско влијание врз човековите права и политичката слобода“. До 2009-та година на сите им беше јасно дека скриптата на Клинтон не профункционира. Не само затоа што во Кина не се извезе западна демократија туку и затоа што после Ирак и обелоденувањето на програмите за тортура на затвореници, и САД дебело се девалвираа на таа тема. 

Ова ја охрабри Кина да биде поофанзивна на глобалната сцена. Почна да буши на Источнокинеското море (што задира во интересите на американки сојузници како Јапонија, Индија и други) а и самата Америка почна да станува сè повеќе зависна од Кина за куп производи кои таа самата веќе не ги произведува, како и за некои вредни и софистицирани метални легури.

Тоа му го објаснија на Барак Обама па есента 2011 година, донесува одлука за распоредување 2.500 маринци во Австралија, за да се чувал Пацификот. „Војниците беа само за покажување“, вели Зак Картер во Хафингтон. Според него, вистинска цела на американското присуство била да се поврзат и да се потпишат договори со што е можно повеќе режими од Азија, небитно дали се демократски или не. Со сите, само да не се Кинези, сè со цел да се врати изгубената тежина во меѓусебните одмерување на силите со Пекинг.

Перверзна црта од таа стратегија: Администрацијата на Обама беше толку очајна да бетонира договор со Малезија што издејствува покачување на нејзиниот рејтинг на листата за човекови права и тоа непосредно откако од малезиската страна на границата со Тајланд беа откриени масовни гробници на жртви на трговија со луѓе.

Затоа, не чуди што откако американскиот трговски дефицит со Кина почна да опаѓа како резултат на тарифите на Трамп, дефицитот со Виетнам почна да се зголемува. Не му е на Трамп до тоа да ги врати работните места во САД, туку да ги префрли на некој друг пазар кој функционира со ниски плати.

А како и Обама, и Трамп нема направено ништо суштинско во бранење на националните и безбедносни интереси во врска со бесценетиот кинески монопол на разни критични ресурси, како што се ретките минерали, клучна состојка во сешто - од сијалици и смартфони до воено оружје.

„Накратко, со унилатерални потези како што е тарифниот програм, Трамп пробува да ги постигне истите цели кои се обиде и не успеа да ги исполни Обама, со координирана и мултилатерална стратегија. Различните тактики ја маскираа суштински истата агенда,“ вели Картер кој потсетува дека оваа агенда на американската реал-политика успева да ја засени општествената нееднаквост на домашен терен, американската репресивност во меѓународните односи и нејзиното учество во влошувањето на климатските промени

24 јуни 2019 - 13:20