Америка не може да ги води своите војни без платеници

Неопходноста на американските платеници повеќе е политичка отколку воена, затоа што ниту еден функционер не морал да полага одговорност за тоа колку платеници му умреле, а без никаков проблем истите може да ги скрие од сите статистики за сопствените воени загуби.

Целото множество платеници (без разлика дали се со американско потекло, или локалци што биле ангажирани за потреби на војната, без разлика дали преведувачи или вооружени екс-војници) главно минува незабележано од американската јавност, со што се затскрива вистинскиот обем, трошоците и жртвите на војната.

„Како што американските интервенции во странство станаа покомплексни и без јасен крај, земјата се повеќе се потпира на платениците за суштински работи како заштита на дипломати или хранење на војската. Дури и кога САД вистински се обидува да стави крај на војните и дома да врати што е можно повеќе војници, платениците можат да останат на терен во големи броеви за да ги менаџираат последиците - посебно бидејќи добар дел од нив се локалци.

Американската влада нема податоци за тоа колку точно американски платеници загинале во војните по 11-ти септември; всушност немаат број ни колку учествувале,“ пишува Кети Гилсинан во Атлантик.

На пример бројките на Пентагон покажуваат дека во октомври имаат ангажирано околу 50.000 платеници, од кои 30.000 се во Авганистан, Сирија и Ирак, а нешто помалку од половина се Американци. Меѓутоа во овие статистики не се вклучени платениците ангажирани во име на ЦИА, Стејт Департманот или други американски агенции.

Од вака матните бројки излегуваат уште поматни статистики за бројот на жртви меѓу нив, па една од проценките е дека во последниве војни убиени се околу 8.000 платеници.

„Американското потпирање на приватни војски не започна со 11-ти септември, но експлодираше во војните што следуваа. Политичкиот императив е да се ограничи бројот на војници, што значи дека платениците ги пополнуваат празнините кога немаше доволно војска за да се заврши некоја работа.

Тие најчесто и поевтино работат отколку американските војници. Тие може ќе добијат некаков надомест во случај на смрт или повреда, за разлика од доживотната издршка за воените ветерани; тие можат да бидат и распоредени на места на кои САД не сакаат или не можат легално да испратат војска.

Според Лесли Вејн од Њујорк тајмс, за време на првата Заливска војна секој 50-ти човек на военото поле е американски цивил под договор; во Босна 1996 ова порасна на секој десетти. Во Авганистан веќе се изедначуваат на 1 спрема 1, ако се земат предвид локалците и платениците од трети држави на секој еден американски војник има по двајца платеници,“ пишува Гилсинан.

Поранешниот припадник на американската армија, а сега професор на Џорџтаун Универзитетот, Стивен Шунер, објаснува дека кога тој служи војска прво сите добиваат војничка обука, па откако се квалификуваат за војници, добиваат дообука како готвач, или возач и слично.

„Денес обучуваме повлекувачи на шкрапало, бидејќи сите логистички сервиси ги аутсорсиравме.

Сега можеме да испратиме неброени сили секаде низ светот, на која било оддалеченост, кое било време или географија, и тие ќе бидат згрижени подобро од која било армија што некогаш била згрижена, колку време и да треба.

Најголемиот ќар е политички. На Американците не им е вистински грижа колкави се трошоците за војна. Ним гајле им е само дали ќе победиме или изгубиме, и колку од нашите момци и девојки ќе ги вратиме назад во вреќи и кутии. Па ако можеш, намерно или ненамерно, директно или индиректно, вештачки да го намалиш бројот на вреќи и кутии, ти победуваш,“ објаснува Шунер.

17 јануари 2020 - 15:30