Абрамс имаат оклоп што е премногу таен за да биде испратен во Украина

Иако од вчера е официјално дека Америка ќе го испраќа својот најголем тенк во војната против Русија, тоа не го менува фактот дека тоа нема да биде од М1 Абрамс тенковите кои моментално САД ги има на залиха во гаража.

За сега само се знае дека во Украина ќе биде испорачан Абрамс, и тоа 31 на број, но не и која точно верзија на 60-тина тонскиот тенк, заради што тенковите ќе мора да бидат „со уникатна извозна конфигурација“.

„Ова во најголем дел се должи на тајниот оклоп што го користи посебно американската воена верзија, која содржи и осиромашен ураниум, и кој не е достапен за извоз ниту за главните сојузници на САД.

Со други зборови, САД не може само да ги испрати своите М1 за Украина,“ пишува Џозеф Тревитчик во текстот за Вор зон на Драјв.

Освен моделот, за сега нема ни временска рамка за испорака на тенковите но американски функционери јасно кажаа дека процесот ќе трае со месеци, не со недели. Како што пишува Тревитчик, првите тенкови можно е да не стигнат во Украина и до крајот на годинава, ако не и почетокот на следната. За временската рамка од големо значење е и колку време ќе биде потребно за обука на украинските екипажи и посебно сервисерите на американските тенкови на украинскиот фронт.

Се уште не е јасно ни дали тенковите што ќе ги добие Украина ќе бидат ганц нови од фабрика, или САД ќе ги обезбеди од друг извор. Американската армија веќе има резерва од илјадници постари Абрамс тенкови кои би можеле да бидат репарирани до „како-нов“ состојба или истите би биле искористени како „донатори“ за склопување на нови примероци.

Без разлика каква одлука падне за ова, Тревитчик тврди дека тенкот што САД ќе и го испорача на Украина ќе треба да биде од посебна „извозна конфигурација“.

Од 1980-те сите нови тенкови од М1А1 серијата добиваат оклоп во кој вклучен и осиромашен ураниум, кој како метал е познат по својата исклучителна густина. Истиот овој пакет се вградува и во А2 серијата, а подоцна им се додава и на постарите М1А1 модели.

„Да се каже дека оклопот со осиромашен ураниум е строго доверлива тајна е речиси потценување. Развојот на оригиналната верзија на оклопот беше спроведена под строго доверливата Програма за специјален пристап (ПСП), со прекар Зелено грозје. ПСП има дополнителни слоеви на длабоко разделени безбедносни протоколи за да се заштити објавувањето на посебно чувствителни информации за националната безбедност,“ пишува Тревитчик.

Иако од првиот Абрамс со оклоп од осиромашен ураниум до сега минуваат повеќе од 35 години, ниту еден од американските сојузници на кои низ годините им е продаден овој тенк (Австралија, Кувајт, Египет, Саудиска Арабија...) немаат оклоп со осиромашен ураниум. Наместо тоа ним им се испорачуваат тенкови со извозен пакет на оклоп кој е без осиромашен ураниум (плус намалени им се и други капацитети во споредба со американските).

„Дури за Украина да бидат извадени тенкови од гаража и да бидат репарирани, многу е поверојатно дека тие ќе имаат пакет на оклоп кој ќе треба да биде заменет,“ смета Тревитчик.

Како пример тој потсетува на Абрамс тенковите што САД и ги продаде на Полска, M1A2 SEPv3, кои на пример ќе имаат репарирани куполи од М1А1, и оклоп одобрен за продажба на странска војска.

Во случајот со Полска целосната адаптација на тенковите што треба да и бидат испорачани ја добива Генерал дајнамикс ленд системс (ГДЛС), бидејќи сите други што се пријавиле го немале потребното искуство за работа со осиромашен ураниум па на армијата би и биле потребни повеќе од 5 години за да обучи која било од овие компании за прописно да ја заврши работата. Како што објаснува Тревитчик, „најголемиот дел од ова време ќе биде потрошено на создавање безбедни и акредитирани објекти за работа.“

За полската нарачка е предвидено дека на ГДЛС ќе му треба од јануари до декември 2023 за да ги адаптира првите 28 тенкови што ќе и бидат испорачани на Варшава.

Доколку САД се реши на Украина да им препрати од тенковите веќе испорачани на странски држави, најлогичен избор би биле Египет кој се смета дека има 1.360 примероци на М1А1 и Саудиска Арабија, која има околу 370, од кои 170 се гаражирани. Вака лесната одлука во Ексел се комплицира во реалниот свет заради врските што Египет и Саудиска Арабија ги имаат со Русија и дали тие би ризикувале дополнително замрсување на истите.

Тревитчик смета дека без разлика на дилемите и роковите поврзани со Абрамс, на крај може да излезе дека нивниот најголем и најскор придонес за Украина да биде индиректен, поточно тоа што Германија потврди дека ќе одобри испорака на Леопард 2 тенкови на украинскиот фронт.

26 јануари 2023 - 13:15