9 години по ослободувањето на Либија

На 17 февруари 2011 во Бенгази започнуваат протести против Гадафи кои подоцна ќе се рашират низ целата држава, ќе доведат до граѓанска војна, ќе привлечат странска воена интервенција, и како за крај ќе завршат со соборување и егзекуција на Гадафи. Само што, излезе дека тоа не беше крај.

Откако по 42 години на власт Гадафи беше соборен, а речиси комплетниот негов апаратус растурен, во Либија се појавија неколку влади и локални моќници од кои секој се наметнуваше како наследник и вистински лидер на народот. Со тек на време нивниот број се тенчеше, за на крај да останат само две:

- меѓународно признаената Владата на националната спогодба (Government of National Accord - GNA) кој управува со се помала територија околу Триполи и има поддршка од неколку моќни локални милиции, плус Турција, Катар и Франција.

- власта на воениот командант Халифа Хафтар и неговите племенски сојузници, чија војска успева да се приближи кон Триполи и да го секне производството на нафта на истокот на земјата со што ја лиши ГНА од дополнителни пари. Хафтар пак има поддршка од Емиратите, Египет и Русија.

На југот од земјата има башка хаос создаден од голем број вооружени групи (милиции) од кои секоја е против секоја, и нема некоја голема надеж за нивно обединување.

По 9 години хаос, на 13-ти февруари Советот за безбедност реши да стави крај на ова и изработи план од 55 точки за воведување мир во Либија, а за комплетирање на впечатокот на неспособност воедно и го осуди насилството во земјата.

17 февруари 2020 - 15:55