Зошто Саудијците го сменија наследникот?

Минатонеделната вест од Блискиот Исток е дека саудискиот крал го отпушти својот внук (од брат) Мухамед бин Најеф од сите позиции во кралството, вклучително и наследник саудискиот трон, и на негово место го постави својот син, 31-годишниот Мухамед бин Салман.

Иако некарактеристично драстичен потег за саудиската монархија, одлуката не беше неочекувана. Кралот Салман уште во 2015 го крева МбС (кратенката по која е познат новиот принц наследник) на позиција заменик принц наследник, а во април годинава во серија кралски декрети се прават повеќе кадровски измени кои ја слабеат основата на принцот Мухамед бин Најеф. На местото на сменетите кадри се ставаат луѓе блиски на младиот принц. Доколку дојде на тронот, МбС ќе биде првиот саудиски крал што не е син на основачот на кралството Ибн Сауд. Моменталниот крал и татко на МбС, е 25-от син на Ибн Сауд.

Менувањето на бин Најеф од позицијата министер за внатрешни работи, се толкува и како сигнал од кралот дека борбата со тероризмот не е највисокиот приоритет за земјата. Бин Најеф, посебно од САД, беше признаен и почитуван за неговата борба против тероризмот во и вон земјата, и беше клучен партнер на САД.

Меган Саливен во текстот за Блумберг ваквата измена ја оправдува и со тоа дека реално тероризмот и не е број еден проблем за земјата, туку тоа е економијата и нејзиното реформирање за да се прекине зависноста од продажбата на нафта.

Таа типува дека измените во саудиското кралство нема да завршат тука, и дека во следните година, две, кралот Салман, ќе одлучи да го напушти престолот во корист на МбС, доколку принцот во овој период се покаже како соодветен кадар.

И да нема официјална смена во изминатиот период има преседани кога принцот наследник управува со земјата заради возраста и немоќта на кралот. Така беше случајот со принцот Абдула (подоцна крал) кој со години по мозочниот удар на кралот Фахд во 1995 управуваше со Саудиска Арабија. Абдула стана крал една деценија подоцна.

Сегашниот Крал Салман доаѓа на престолот во 2015, по смртта на неговиот полу-брат кралот Абдула. Тој станува принц наследник во 2012, само откако умира тогашниот принц наследник Најеф бин Абдул-Азиз ал Сауд, инаку татко на сега веќе сменетиот Мухамед бин Најеф.