Зошто човек нема стапнато на Месечината цели 45 години?

Астронаути фрлаат светло врз одговорот на ова прашање кое ги подгрева оние сомневања дека никогаш и не сме биле таму. Причините се депресивно овоземни.

Последен пат кога човек го посети тоа место беше 17 декември 1972 година, за време на мисијата Аполо 17. НАСА со децении планира таму да прати луѓе, а администрацијата на Трамп тоа го вети за до 2024 година. Но, со оглед на партиската поделеност, буџетските проблеми, слабата заинтересираност на јавноста и остареноста на кадарот на НАСА, поверојатно е на Месечина први да стигнат проектите на ентузијастите со огромни пари, како Безос или Маск.

После половина век, да се испрати уште еден екипаж кој ќе собере некој камен, ќе направи фотки и ќе забоде знаме и не е вистинскиот предизвик. Предизвикот е да се создаде првата стационарна станица на Месечината, што би било база на идните мисии во длабоката вселена, платформа за корисни телескопи и би понудила драгоцено искуство за тестирање на евентуалниот живот на Марс.

Месечината е едно од најгадните места за престој. 14 дена пржи сонце без никаква заштита (таа нема заштитна атмосфера) а 14 дена е комлетен мрак и едно од најстудените места во вселената. Можеби звучи банално, но голем проблем на астронаутите и мисиите им е месечевата прашина. Наелектризирана од интеракција со соларните ветрови, таа е многу абразивна и брзо уништува астронаутски одела, возила и системи.

Буџетот на НАСА е 21,5 милијарди долари а Трамп ветува дека за 2020-та ќе бидат 22, 6 милијарди. Се чинат како големи пари, но не се баш. Колку за споредба, воениот буџет е 680 милијарди годишно. А тоа е буџет кој го делат неколку проекти на НАСА.

„Порцијата на НАСА од федералниот буџет, во 1965 година изнесуваше 4%. Последниве 40 години беше под еден процент а во последните 15 години се движи околу 0,4%,“ потсети астронаутот Валтер Канингем на конгресното сведочењево 2015 година.

Десет години порано, НАСА процени дека враќањето на Месечината би чинело околу 104 милијарди долари, и би биле потребни околу 13 години. По денешни пари (со инфлација) Аполо чинеше 120 милијарди долари.

Тоа е огромна сума за која, во услови на дво-партиска поделеност, тешко се обезбедува политичка поддршка. Постои и синдромот секој нов  газда на Белата куќа, да ги стопира проектите на претходникот и да наметне свои приоритети.

Во 2004 година Буш даде задача НАСА да го смени постоечкиот спејс-шатл и да се врати на Месечината. Агенцијата го создаде проектот „Констелација“ и потроши 9 милијарди долари на дизајнирање, креирање и тестирање на хардверот. Дојде Обама и откако НАСА призна дека не може да ги процени конечните трошоци на Констелација, го укина и потпиша нов, за нов лансирен систем и ракета. Трамп не го укина неговиот проект но ги смени приоритетите; наместо астронаути да одат на астероид, приоритети да бидат Месечината и Марс.

Поради вакви потези, НАСА досега има бадијала потрошено 20 милијарди долари.

Иако одењето на Месечината звучи ултра- возбудливо, јавноста никогаш длабоко не мислела дека се тоа најпаметно потрошените пари. Дури и во врвот на популарноста на Аполо, кога Армстронг и Олдрин стапнаа на површината, само 53% Американци сметаа дека програмата вреди за трошоците. Денес за луѓето поинтригантен е Марс а убедливо најмногу поддршка (91%) има потребата од скенирање на вселената за откривање убиствени астероиди.

Освен пари, за одење таму потребен е и ентузијазам, па и младешка страст. Денешните млади попрво би сакале да станат Јутјуб ѕвезди отколку да сонуваат да бидат во контролниот центар на НАСА.  Ако во ерата на Аполо, просечната возраст во тој центар била 26 години, денес би изнесувала накај 60 години. 

Заради сево ова, надежите на вселенските фрикови повеќе се свртени кон проектите на моќните поединци како Безос (Blue Origin) и Маск (SpaceX) кои го имаат истиот фетиш како нив а и пари да си го направат ќеифот. 

21 јули 2019 - 09:07