Зошто баш Лајка?

На 3-ти ноември 1957 Советите ја качуваат Лајка во сателит и ја лансираат во вселената, со што џукелата од московските улици станува првото живо суштество од Земјата што патувало во вселената.

За Советите патувањето на Лајка има двојно значење. Прво затоа што ова е уште еден пораз на Американците откако една година претходно успеваат да го лансираат Спутник. Второ, лансирањето се паѓа на само неколку дена пред 40-годишнината од Октомвриската револуција.

Лајка во вселената преживува само неколку часа, што е помалку од планираното, и за ова време прави 9 круга околу Земјата.

„Ја замолив да ни прости и додека плачев ја галев за последен пат.

Овие 9 круга околу Земјата ја направија Лајка првиот космонаут на светот - кој се жртвуваше за доброто на успехот на останатите вселенски мисии,“ објаснува 90-годишниот руски биолог Адилја Котовскаја која работи со Лајка на советската вселенска програма.

Адилја Котовскаја, научникот задолжен за подготвување на Лајка за вселенската мисија

Пред Лајка Советите лансираат неколку кучиња кои стигаат до суборбиталниот простор и таму остануваат на неколку минути за да се провери „дали е можно да преживеат во бестежинска состојба“.

Кучињата за потребите на програмата се избирани од московските џукели. Дел од нивниот тренинг е и постојаното префрлување во се помали кафези, за да можат да се навикнат на патување во капсула долга 80 сантиметри.

Котовскаја објаснува дека во предвид биле земани само кучки, од едноставна причина што тие не мора да креваат нога за да уринираат „што значи дека им треба помалку простор отколку на машките“.

„А избиравме џукели затоа што тие се поснаодливи и помалку захтевни,“ изјавила Котовскаја за Phys.org.

Лајка тежи 6 килограми, и исполнува уште еден од условите на мисијата, да биде фотогенична за публицитетот на програмата. Таа е избрана од 6 кандидати заради нејзината „снаодлива а сепак послушна природа“ и нејзиниот изглед.

Ракетата е лансирана од Бајконур, а лансирањето минува добро. Целото патување е според очекувањата, и Лајка девет пати го обиколува светот. Меѓутоа за време на девето кружење температурата во капсулата почнува да расте и достигнува 40 степени Целзиусови.  Заради лоша изолација од сончевите зраци, мисијата на Лајка која требаше да трае од 8 до 10 дена завршува по само неколку часа откако таа умира од превисока температура и дехидрација.

Советското радио неколку дена по ред продолжува да објавува соопштенија за нејзиното здравје, инсистирајќи дека сè е во ред со нејзе. Официјалната верзија е дека таа умира проголтувајќи отров ставен во нејзината храна со цел да избегне болна смрт при влегувањето на леталото во атмосферата на Земјата. Сателитот кој ги носи нејзините останки неколку месеци подоцна согорува во атмосферата на 14 април 1958.

Првите животни што беа лансирани во вселената и живи се вратија беше кучињата Белка и Стрелка, кои беа лансирани на 19 август 1960, и се вратија еден ден подоцна.

По ова следуваше патувањето на првиот човек во вселената, космонаутот Јуриј Гагарин, во април 1961.

2 ноември 2017 - 15:38