За што фантазира Кремљ?

Ако овие мапи од еден руски весник навистина ги отсликуваат гео-политичките претензии на Путин како што сугерираат западни медиуми, тогаш за одешните русофили имаме добра и лоша вест. Во руските планови Македонија ќе опстои! Нешто помала.

Мапите со границите на Европа во 2035 година се објавени пред 4 години во рускиот таблоид Газета Експрес. Тој никогаш не важел за гласноговорник на плановите на Путин, но Хафингтон пост не е најсигурен дека тие не ги одразуваат следните амбиции на Кремљ, сега откако Путин се натанка со пари (14,5 милијарди долари, според Форбс, до 200 милијарди, по други проценки) а доволно ронки од трпезата паднаа и врз другите ешалони на власта.

Особено што мапите го погаѓаат Крим: тој уште тогаш е дел од Русија.

Авторите велат дека мапите се исцртани врз основа на расположиви податоци од разузнавачки служби и разговори со аналитичари и футуролози.

На нив и проблематичниот Донбас ќе влезе во Русија, заедно со целиот украински брег од Црното море, од реката Дон до сегашна Молдавија.

Шкотска оди башка, Ирските се спојуваат а Велика Британија се сведува на нејзините граници од 13-от век, со Англија и Велс.

Како со нож, Италија се дели точно на половина, а новата граница е некаде меѓу Тоскана и Лацио. Сицилија и Сардинија се башка од двете Италии. И Шпанија е ревидирана, без Каталонија и Баскија при што Баскија зема нешто и од Франција.

Многу лошо поминува Полска, што заради Германија, што заради Русија, што би било трето германско-руско черечење на таа земја.

Франција останува без Корзика која е независна,  Алзас оди во Германија а француските Савои стануваат исламски ентитет, откако Париз сфаќа дека не може да ги асимилира своите граѓани муслимани па им дава посебна територија.

Балканот се враќа во хаосот од 19 век. Босна ја снемува од Србија и Хрватска, голема Албанија вклучува дел и од Македонија, Турција ѝ лапа нешто територија на Бугарија, кај Бургас.

Јасно е дека овие картографи како единствен голем политички фактор во Европа 2035 (освен Русија) ја гледаат Германија и дека лошо поминуваат оние екс-советски држави и историски сојузници кои ѝ свртеле грб на Русија (територии губат Грузија, Бугарија, Полска и Романија), за разлика од оние кои останале лојални кон мајка Русија, како што е Србија која во тие проекции е поголема од денес.

Но, јасно е и дека авторот од Хафингтон баш запнува овие карти од руски таблоид кој важи за сензационалистички по секоја цена да му ги препише на Путин, за да ја извлече паралелата со Сталин и намерата да се изолира Европа од американско влијание.

 

11 јули 2016 - 18:09