Страва исцинка тајни воени бази

За тие што не знаат, Страва е една крајно лагодна и корисна фитнес апликација за мерење колку кардио (трчање, точак, планинарење...) си направил. Меѓу останатото на профилот што го води за тебе ти покажува мапа од секој твој „подвиг“. И сето ова е интересно, добро и корисно исклучиво ако не си војник кој решил да користи Страва додека прави кардио во воена база за која никој не знае дека постои, а не па каде се наоѓа и каков и е ГУП-от.

Во ноември 2017 Страва објавува масовна мапа составена од сите можни активности што некогаш биле регистрирани од апликацијата, или според бројки на компанијата - над 3000 милијарди поединечни ГПС точки. Апликацијата освен со смартфон, може да се користи и во комбинација со паметни часовници, фитнес тракери или рачно да се внесат параметрите.

Мапата е на црна позадина, а рутите од активностите на корисниците се  обележани со различни нијанси на бела, жолта и црвена боја во зависност од бројот на активности.

Дури викендов, американски воени аналитичари откриваат дека мега-мапата е доволно детална „за да издаде екстремно чувствителни информации од посебна подгрупа на Страва корисници: воени лица во активна служба“.

Тие забележуваат дека во Сирија сојузничките бази (американските) комплетно „ја осветлуваат мапата“, додека над руските бази за кои се знае има многу малку активност, а над иранските бази нема никаква боја.

„На места како Авганистан, Џибути и Сирија, корисниците на Страва се речиси исклучиво странски воен персонал, што значи дека нивните бази се истакнуваат.

На пример во Хелманд провинцијата, во Авганистан, локациите на истурените оперативни бази можат јасно да бидат видени како сјаат бело сред црната мапа.

Зумирањето во некоја од поголемите бази јасно го открива нејзиниот внатрешен распоред, како што е мапиран од рутите на џогирање на бројни војници.

Самата база не е видлива на сателитските снимки на комерцијални сервиси како Гугл мапс или Епл мапс, иако на Страва може да биде јасно видена,“ објаснува Алекс Херн во текстот за Гардијан.

****

Мапата ја имате тука

29 јануари 2018 - 14:18