Со три телевизори, а без храна

„Да живееше Емануел во Алепо, неговата мака и очај можеби макар накратко ќе добиеја простор во некоја од предизборните дебати. Но, Емануел останува невидлив бидејќи живее во домашната ничија земја на сиромаштија, дроги и безнадежност“, пишува Њујорк тајмс. Читајте глобално, мислете локално.

13-годишниот Емануел во својата соба има три телевизори. Два огромни, едниот не работи, сите три купени на рати, па прашање на ден е кога ќе им ги одземат. А нема ни да им требаат бидејќи очекуваат струјата да им биде исклучена поради неплатени сметки. Живее со мајка му, во дворот имаат пит бул, кој ги брани од поштарите и другите службени лица што никогаш не им носат добри вести.

Дома имаат куп работи, но не и храна.

„Би сакал да се запишам на факултет. Би бил прв од моето семејство што го направил тоа“, вели Емануел, кој се надева дека еден ден можеби ќе стане полицаец, пожарникар или судија. Во школо има 5-ки и 4-ки, но во критични години е бидејќи локалните банди почнуваат да регрутираат подмладок на 14 години, а тој веќе сега нема пријател што не поседува барем нож.

„Она што Американците не го разбираат во врска со немаштијата е дека таа не е толку прашање на немање пари, туку на немање опција да се излезе од кругот“, пишува Никола Кристоф.

Над 80 проценти од американските семејства што живеат под линијата на сиромаштијата дома имаат климатизери. Во материјална смисла, ним им е далеку подобро од сиромашните семејства во Конго или Индија, но тоа не е утеха.

На глобално ниво во индустријализираниот свет САД имаат едно од најголемите нивоа на детска сиромаштија.

Премногу деца се програмирани за неуспех само затоа што имале несреќа да се родат и да растат во опкружување во кое царува сиромаштија, домашно насилство или запоставени ментални проблеми. Овие млади чуѓе често знаат да направат тешки глупости, но како општество, ние ги имаме разочарано многу пред тие да нè разочараат нас.

Не постои магичен куршум за убивање на сиромаштијата, но постојат сачмарки, односно палета мерки што можат да сменат нешто од состојбата. Особено оние што ќе им помогнат на децата во раната возраст, формативна за нивниот целокупен живот. Ним да им се помогне да се описменат и продолжат со школо, на нивните родителите да им се помогне финансиски да се описменат па да не купуваат по три телевизори на рати.

Или да се работи на сексуалната едукација бидејќи тинејџерската бременост економски запечатува судбини на девојчиња поефикасно и од шеријат.

„Додека разбрав за контрацепција, бебето ми имаше две години“, вели една тинејџерка која родила на 13 години.

Детската сиромаштија е отворена рана на телото на сечија, па и на американската политика. Ако секоа петто дете живее во сиромаштија во земја што се смета за индустријализирана, тоа не е само економски, туку и морален неуспех на едно општество.