Саудискиот принц на темнината

Во рок од неколку седмици, саудискиот принц наследник (позиција на која дојде по многу драма) го присили либанскиот премиер да поднесе оставка, директно му се закани на Иран и изврши масовно апсење на членови на сопственото кралско семејство.

Либанскиот премиер Саад Харири минатата недела сосема неочекувано отпатува во Саудиска Арабија, и подеднакво неочекувано излезе на тамошната телевизија Ал Арабија (саудискиот одговор на катарската Ал Џезира) за од Ријад да објави дека поднесува оставка на својата функција во Либан. Во објаснувањето за ваквиот тек на настаните, Харири изјави дека морал да се скрие во Ријад затоа што во Либан му бил загрозен животот, за што директно го обвини Иран, попатно напаѓајќи го и Хезболах, иранскиот сојузник во Либан.

Пред само една година, токму Харири беше човекот кој успеа да ја прекине повеќегодишната политичка блокада и да оформи влада на национално единство, во која со 2 министри учествува и Хезболах. Згора на ова, Харири во Вашингтон лобира да се олеснат предложените санкции против Хезболах, а пред патувањето во Ријад тој директно се среќава со советникот на ајатолахот Хаменеи.

Истовремено со Саад, но сосема посебно, во Ријад се наоѓа и неговиот постар брат Баха Харири, со кого не се во добри односи и се претпоставува дека е пикот на Саудијците за следен премиер на Либан. Целата ситуација Хезболах ја искористи за ќарување поени пред јавноста, порачувајќи дека Харири е добредојден да се врати во земјата што е можно поскоро и ја обвини Саудиска Арабија за киднапирање на премиерот на Либан.

Само неколку часа по објавување на неочекуваната оставка на Харири, едно предградие на Ријад беше погодено со проектил истрелан од Јемен, земја во која Саудијците и Иранците војуваат преку своите „вазали“. Реакцијата на Саудиска Арабија е да ги повика сите свои граѓани да го напуштат Либан, и уште посилно да удри на Хутите во Јемен.

Иако во првичното објаснување на ваквиот развој на настани веднаш беше вклучен Израел, по основа дека сака да предизвика војна со Хезболах, подлабоките пресметки покажаа дека ниту Хезболах, ниту Израел во моментов не се посебно расположени од ново да се спукаат.

„Од таму како алтернатива се споменува теоријата според која целта на саудискиот принц е во Либан да предизвика политичка а потоа и економска криза, имајќи предвид дека земјата веќе две години се наоѓа на раб.

Исто така се претпоставува дека и оваа акција против Либан првично е мотивирана од внатрешни саудиски причини, пред сè заради желбата на 32-годишниот принц да се исчисти од горчината на неколкуте неуспешни обиди да спротивставување на Иран и да го подготви теренот за преземање на кралскиот трон,“ пишува Тена Ерцег во текстот за Новости.

Во портфолиото грешки и неуспеси на принцот на надворешен план се и запнувањето во војната во Јемен, во која глобалните медиуми успешно игнорираат убиства и прегладнување на стотици илјади цивили; и блокирањето, наметнувањето санкции и укинувањето дипломатски односи од чиста мира со Катар, како и ултиматумот до нив кој ладно беше игнориран од Доха.

Паралелно со сето ова принцот, кој беше фален како умерен и реформатор, дома одлучи да спроведе масовна чистка во која истовремено беа уапсени 200 припадници од политичката и бизнис елитата на земјата. Меѓу нив и 11 принцови, министри и супермилијардери. Салман апсењето го претстави како борба против корупцијата, објаснувајќи дека уапсените ја оштетиле државата за над 100 милијарди долари.

Принцот сите свои потези ги толкува како „сведоштво за револуционерното вртење на саудиската политика кон вредностите на либералната демократија.“ Иако имаше потези од типот укинување на забраната за возење за жени и зголемување на бројот на вработени жените, Западот претежно е разочаран од неговите потези. Едно од објаснувањата е дека Западот повторно по свои мерки ги оценува случувањата на Блискиот исток.

„Сепак начинот на кој Салман ја интерпретира либералната демократија е сосема погрешен, барем кога е во прашање нејзината економска димензија. Тој сосема очигледно намерил да ги сруши востановените спреги меѓу саудиските принцови и тајкуни, и да создаде нови во кои сите патишта ќе водат кон него.

Планот на Салман е малку од малку да ја реорганизира саудиската варијанта на капитализам, со цел да се спречат корупцијата и претераната концентрација на богатство заради што ни големи ресурси повеќе не можат да го спречат растот на невработеноста,“ пишува Ерцег.