САД има потрошено 3 пати повеќе пари на војни отколку што Пентагон кажува

За пост 11-ти септември војните на разните американски администрации, секој американски даночен обврзник во просек има платено по 23.386 долари.

Во извештајот од проектот „Цена на војната“ се проценува дека до крајот на фискалната 2018, вкупната цена на американските војни во Авганистан, Пакистан, Ирак и Сирија ќе достигне 5600 милијарди долари. На проектот базиран во Ватсон институтот за меѓународни и јавни работи, ангажирани е тим од 35 научници, активисти за човекови права, доктори и правни експерти.

Во пресметката освен Пентагон, се земени предвид парите што се трошат од Одделот за домашна безбедност, Стејт Департманот и службите одговорни за ветераните од овие војни.

На пример, еден претходен извештај изработен по барање на Пентагон, „Проценетата цена за секој даночен обврзник од војните во Авганистан, Ирак и Сирија“ пресметува дека цената на сите овие војни заедно изнесува 1520 милијарди долари, или околу 7.740 долари по даночен обврзник.

Освен трошоците на најразличните оддели на американската администрација, извештајот ја зема предвид и камата што САД до сега ја има платено на парите позајмени за финансирање на војните. Извештаите на Пентагон никогаш не ја пресметуваат каматата.

Причината зошто во извештајот е вклучена и каматата е затоа што САД војните во најголем дел ги плаќа со позајмување пари, наместо зголемување даноци или кратење средства од други буџетари.

Дури САД и во моментов да престанат да трошат на војни, кумулативната камата на позајмените пари, ќе ја крене крајната цена на војните на околу 7900 милијарди долари.

И сумата од овој извештај најверојатно не го пресметува трошокот до крај, имајќи предвид дека тој не ги вклучува трошоците за здравствена заштита и исплаќање инвалиднина на ветераните или парите за анти-терористички активности што САД ги преземаат во дузина земји.

20 ноември 2017 - 15:45