Расизам, па што

Расистичките дела понекогаш или секогаш се оправдани, е ставот на повеќе од половина анкетирани Италијанци по серијата расистички и анти-семитски инциденти во земјата.

Прифатливоста на расистичките дела се дели на „секогаш оправдани“ за 10% од италијанските испитаници, и „може да бидат оправдани во зависност од ситуацијата“ за 45% од испитаниците. Останатите 45 изјавиле дека тие никогаш не се оправдани.

Анкетата е спроведена од агенцијата СВГ, која ова го прави еднаш годишно, и за прв пат во изминатава деценија мнозинството не го осудува директно расизмот.

Едно од објаснувањата што го имаат анкетарите е дека ова делумно се должи на ширењето на онлајн говорот на омраза, „ние можеме да кажеме што сакаме за кого сакаме, и сè повеќе се навикнуваме на ова.“

„И ова не е само Италија... и кај другите држави гледаме еден вид адаптација кон полошо,“ објаснуваат од СВГ.

Пред некое време Марио Балотели беше преплавен од расистички навреди за време на натпревар во Верона, а 89-годината италијанска сенаторка и преживеана од Аушвиц, Лилијана Сегре, од неодамна е под полициска заштита по смртните закани заради нејзиниот предлог за основање комисија за борба против расизмот.

13 ноември 2019 - 11:34