Каде што парите растат на дрво

Во шест американски држави туристичката сезона почнува во октомври, кога почнуваат да им доаѓаат луѓе со посебно хоби - гледање дрвја со жолти листови. Додека да ги снема сите жолти листови, тие ќе направат околу 3 милијарди долари.

Најголем ќар од есента имаат Мејн, Масачусетс, Њу Хемпшир, Вермонт, Конектикат и Роуд Ајленд. На пример, во Вермонт есенската сезона носи една четвртина од годишната потрошувачка на туристите. Во 2011-та тоа биле 460 милиони долари од 3,6 милиони туристи. Од 2007-ма бројот на есенски туристи во Вермонт годишно расте од 3 до 6 проценти.

"Ако можеме на луѓето преку нашата страна или социјалните медиуми да им покажеме дека излегоа овие листови, тогаш луѓето би возеле од Монтреал. Тие би дошле и од Бостон," објаснува комесарот за туризам и маркетинг на Вермонт.

Масачусетс со 2,8 милијарди долари заработени есента 2013-та го зема најголемиот пазар (ама во оваа сума се влезени сите туристички приходи на Масачусетс, плажи, споменици и се останато). Њу Хемпшир есенва очекува да прибере околу 8,2 милиони туристи, кои би требало да потрошат 1,6 милијарди долари. Мејн минатата година од сезоната заработи 581 милион долари.

За сезоната од 3 милијарди долари придонесува и долгата и топла есен, заради што листовите подолго време ќе останат на дрва за туристите да ги гледаат / фотографираат.

27 октомври 2014 - 17:55