Орбан ја добива расправата за мигрантите

Додека низ престолнините ширум ЕУ, Орбан е обвинуван за национализам, ширење омраза и придружно портфолио, неговите мерки и политики (огради, враќање бегалци...) се повеќе се прифаќаат од лидерите од истите овие престолнини.

Анализирајќи го неодамнешниот говор на претседателот на Европската комисија Жан-Клод Јункер, новинарот на магазинот Политико, посочува на неколку моменти кога тој звучи како да зборува унгарскиот премиер:

- Повикувајќи на посилна гранична контрола, Јункер порачува дека Унијата "сега поефикасно ги заштитува надворешните граници на Европа".

- Во однос на бегалците, Јункер порачува дека мигрантите треба да се спречат пред да ја напуштат Африка, а оние што стигнале до европскиот брег да се вратат назад, "луѓето кои немаат право да останат во Европа мора да бидат вратени во нивните земји на потекло."

"Меѓутоа постапките на европските влади, вклучувајќи ги италијанските напори да се спречат невладините организации и обидите на ЕУ за постигнување договор со африканските влади, прецизно одговараат со одамна повторуваните позиции на Орбан. Тој повикуваше на посилна заштита на надворешните граници на ЕУ, како и отворање миграциски приемни центри во Африка и посилна позиција кон невладините организации, посебно кон странските.

На состанокот што Макрон го одржа во Париз со лидерите на Германија, Италија и Франција – и министерката за надворешни на ЕУ - беше даден благослов за новиот начин на кој Италија се  справува со мигранти, кој според критичарите исто така оди во корист на позициите на Орбан.

По затворањето на балканската рута мината година, мигрантите продолжија да пристигнуваат во Италија. Меѓутоа бројките од летово беа неочекувано намалени откако Италијанците го аутсорсираа справувањето со мигрантите на либиските политички сили и ги обвинија невладините организации за соработка со шверцерите, со што ги присилија да ги прифатат ЕУ стандардите за однесување," пишува Џакопо Баригаци за Политико.

Тој ја пренесува изјавата на претседателот на Иницијативата за европска стабилност, според кој "затоа што ЕУ не договори алтернативен план, дебата комплетно се движи во правец на Орбан."

Придонесот на Орбан во ваквото изместување на почетните ставови на ЕУ, е во отпорот што тој и членките на Вишеградската група го дадоа кон плановите на Унијата за раселување на бегалците, "па за лидерите на ЕУ е полесно да се согласат на засилување на контролата на надворешните граници, која беше олабавена во последниве години".

Освен Јункер, и Макрон дојде на позициите на Орбан вршејќи притисок за формирање на центри за миграција во Нигер и Чад, кои уште пред неколку години беа побарани од унгарскиот премиер. Забелешката и тогаш и сега е дека овие центри нема да работат добро, дека во нив мигрантите ќе бидат малтретирани и дека целиот план е "расистички и во основа прекршување на човековите права."

Инаку од ЕУ не сакаат да чујат за тоа дека се на исти позиции со Орбан, туку дека "таквото порамнување е само одраз на здравиот разум во одредени области," а раководството на Унијата останува "посветено на политиките на отвореност".

18 септември 2017 - 13:50