Неочекуваниот херој на Либан

42 годишен Либанец влезе вооружен во банка, држеше заложници и се закануваше дека ќе се запали и себе и сè околу себе ако не му се исполнат барањата. Наместо да стане омразениот Либанец на денот, човекот им стана херој на луѓето.

Басам ал-Шеик Хусеин влегол во подружница на Федералната банка во централен Бејрут и инсистирал да повлече колку што му треба од замрзната заштеда од околу 210.000 долари, за да може да ги плати болничките трошоци за неговиот болен татко.

Како и речиси на сите Либанци, неговите лични средства се замрзнати повеќе од две години откако се воведе лимит на месечен износ на пари кои човек може да ги подигне од банките. А се работи за симболична сума на пари кои не се доволни ни за задоволување на најосновните потреби.

Веста за неговата опсада на банката брзо се прошири низ целата земја во која 80% од луѓето рапидно осиромашија последниве години. Многумина од нив заработуваат просечно по 70 долари месечно.

Околу банката брзо дошла полиција и војска но неочекувано, се слеала и маса народ за да му дадат поддршка. Личната приказна на Басам Хусеин ги погодила луѓето бидејќи и самите се чувствуваат како заложници на корумпираните политички и финансиски елити. Некои од нив носеле и храна и вода за човекот за кого почувствувале дека делува и во нивно име.

„На сите нам ни дошло да го направиме тоа што тој го направи. Очаен човек прави очајни работи. Тој не е таму за да краде туку да го бара она што е негово. И на полицајците кои се дојдени да го апсат им е јасно тоа,“ рекол за Гардијан еден од луѓето кои дошло кај банката за да изразат поддршка за очајниот киднапер.

Кога банкарите виделе дека работата станува сериозна а развојот на приказната не оди во за нив посакуваниот правец, решиле да попуштат, но дури и за тоа се ценкале. Прво му понудиле 10.000 долари но овој одбил, инсистирајќи да земе 30.000 долари за да ги плати сите сметки.

Му дале 30.000 и овој потоа се предал.

13 август 2022 - 10:05