На кого е најпаметно да му се помогне

Имате 8 милијарди долари и сакате со нив да направите не само нешто добро, туку најдобро што може да се направи со тие пари. Што се прави во таков случај?

Тоа е прашањето кое долго време ги мачи сопружниците Кари Туна и Дастин Московиц, коосновач на Фејсбук  кои своевремено формираа фондација со лично богатство од 8,3 милијарди долари. Со искрена желба да ги потрошат:

"Сакаме да ја исцрпиме фондацијата пред да умреме, се надеваме многу порано пред да умреме" вели Туна.

Но, каде попрво да трошат? Дали да се даде кеш за ужасната сиромаштија во Уганда, дали масовно да се набават кревети со мрежи за борба против маларијата или пак да се соберат најпаметните луѓе на светот за да дискутираат за опасностите од вештачката интелигенција и можноста таа еден ден комплетно да нè уништи, со што се анулираат сите актуелни гајлиња на човечкиот род?

Со други зборови, каде да се потрошат филантропските пари, на кои места, на какви проблеми, што е побитно а што може да почека, може ли да се прави кост-бенефит анализа на хуманитарни одлуки?

Верувајќи дека може, нивната фондација решава добар дел од парите да насочи во една мета - хуманитарна организација наречена Open Philanthropy Project чија мисија е да утврдува каде е најпаметно да се трошат пари за добри каузи.

Идејата е тоа емпириски и рационално да се утврди, со сериозни анализи да се изгради своевидна мерна скала за насочување на добротворните пари. Луѓето во тимот себеси се нарекуваат ефикасни алтруисти кои веруваат дека со емпириски методи може да се дознае како да се извади максимум од хуманитарноста и да се направи светот подобар од денес.

Тоа би можело да ја смени филантропијата каква што денес ја познаваме а која досега се темелеше на личните интереси, вредности или емоции на донаторот: Хауард Хјуз ги даде парите на медицински истражувања од кои светот несомнено доби сериозни придобивки но затоа пак Џон Пол Гети своите општествено одговорни пари ги списка на фенси уметнички музеј.

Не дека проектот Отворениот филантропски проект е без критичари: некои се сомневаат дека е можно да се објективизираат критериуми од страна на фондација која во секој случај не е репрезент на целиот свет (има ли во самата фондација доволно жени, доволно гејови, доволно малцинства....) а главната критика е насочена на една нус-појава за која се свесни и самите основачи: дека доколку успеат во намерата да ја објективизираат користа на донациите, живототите на загрозените од различни причини ќе добијат и различна цена.