Кујната како место за еманципација на жените

Кога се во прашање жените, кујната како институција често асоцира на опресија - испотена домаќинка која со едната рака ја меша манџата, а со другата го думка детето, чекајќи го изнервираниот сопруг да упадне во кујната и да викне „Жено, дај да јадам!". Ама она за што поретко се зборува е дека токму кујната и готвењето може да биде поттик и извор на женската моќ.

Морган Џеркинс, коментаторка на Гардијан со диплома од Пристон, во младоста се декларирала како феминистка. Ја сметала кујната за мачилиште на жените, каде тие ринтаат за да ги нахранат домашните, па со часови ги мијат чиниите, за потоа да го почнат процесот од почеток. Тоа историски особено важело за црните жени како неа, кои работеле како готвачки и слугинки. За нив кујните биле местото каде тие минувале најголем дел од времето, тоа била „црната соба во белата куќа", каде често се случувале и сексуални малтретирања и силувања.

Но кујната може да биде и свето место, каде традиционално жените во изолација (дури и тајност) можат да си муабетат за нивните проблеми, како во некаков женски кујнски кружок, знаејќи дека таму никој нема да ги вознемирува. Истовремено, тие се единствените кои вистински знаат какви состојки се ставени во храната, и што тие самите внесуваат во нивните тела. Готвењето на жените пак за самите нив може да им даде комплетна автономија над изборот што им се допаѓа, а што не, и можност за проценка како одредена храна им влијае врз расположението.

Оттаму, додека за едни жени храната е голема емоционална инвестиција, и начин за ширење љубов кон ближните, за други може да е ослободувачко искуство, затоа што таа е и себична активност - она што е важно кога си готвиме за себе е нашето сопствено задоволство и фактот дека со усвојување на таа вештина се еманципираме од зависноста од некој друг кој тоа би го правел за нас.

30 септември 2015 - 14:58