Како шпионите на ЦИА во Кина паднаа заради ЦИА

Еден од најкатастрофалните неуспеси на американските разузнавачи се случува во 2010 кога кинеските власти започнуваат акција во која цели две години систематски ја демонтираат шпионската мрежа на ЦИА во земјата притоа егзекутирајќи десетици американски информатори и соработници.

Речиси 8 години подоцна и врз основа на сведоштва од пет сегашни и поранешни разузнавачи, главната вина за ваквиот крах паѓа на „расипаниот систем за комуникација“ што ЦИА го користи за интеракција со своите извори во Кина.

ЦИА системот го увезува од своите операции на Блискиот Исток. Она што по толку време и убиени оперативци им станува јасно на Американците е дека на Блискиот Исток, „он-лајн околината е далеку помалку опасна, и дека тие ја имаат потценето кинеската способност за пробивање на нивниот систем.“

„Однесувањето беше дека сме завршиле работа, дека сме недопирливи,“ ја објаснува еден анонимните соговорници на Форин полиси атмосферата во ЦИА во времето кога се воведува новиот систем.

Иако на Кинезите им оди во корист и тоа што отприлика во тоа време успеваат да го регрутираат поранешниот ЦИА агент Џери Чун Шинг Ли, нивниот успех во ловење ЦИА доушници во Кина претежно се должи на успехот во пробивање на системот за комуникација.

„Можеше да видиш дека Кинезите не нагаѓаат. Министерството за државна безбедност секогаш ги фаќаше правите луѓе.

Кога работите ќе тргнеа на лошо, сè се случуваше многу брзо,“ изјавува еден од соговорниците.

Тие се согласни и дека бројот на ЦИА агенти и нивни соработници кои се егзекутирани во текот на овие две години е околу 30 луѓе. Според нив секој што во тоа време бил приведен од кинеското разузнавање на крај бил убиен.

Во прво време американските разузнавачи се извадени од памет, иако подоцна успеваат да извлечат неколку извори од Кина. Дел од оние што не се уапсени, но не можат да бидат извадени од Кина, добиваат големи суми пари од ЦИА во надеж дека со нив ќе можат некако да избегаат од земјата.

Анализата што ја спроведува шпионскиот апаратус на САД, тргајќи на страна споредни фактори како Ли или грешка во работењето на ЦИА, оди во корист на теоријата дека Кина успева да ја пробие и да ја прислушува комуникацијата меѓу агентите на ЦИА и нивните кодоши на терен во Кина.

Кога ЦИА започнува да работи со нов извор во Кина, тие често пати користат привремени таен систем за комуникација, за да се заштитат од опасноста човекот да не двоен шпион. Во тоа време системот е интернет базиран и е достапен од лаптоп и десктоп компјутери. Привремениот систем е енкриптирана дигитална програма која дозволува комуникација меѓу американскиот разузнавач и неговиот извор, но истовремено е одделна од главниот систем за тајна комуникација кој се користи за потврдени извори, со што се намалува ризикот за ЦИА ако новиот извор смени страна.

„Иако имаат исто кодирање, привремениот систем и главната платформа на ЦИА за тајна  комуникација во Кина треба да се јасно разделени. Во теорија, ако привремениот систем е откриен или му е предаден на кинеското разузнавање, луѓето што го користат главниот систем и понатаму ќе бидат заштитени - и нема да има начин постојната комуникација да се поврзе со ЦИА.

Меѓутоа привремениот систем на ЦИА содржи техничка грешка: тој по својата архитектура е направен да се поврзува со главниот систем на ЦИА за тајна комуникација. Кога се посомневале дека системот им е пробиен и ФБИ и НСА прават тестови за да ја проверат безбедноста на привремениот систем. Тие откриваат дека сајбер експерти со пристап до привремениот систем ќе можат исто така да пристапат и до главниот систем за тајна комуникација што агенцијата го користи за интеракција со проверени извори.

Како што ќе каже еден поранешен вработен, ЦИА ’го сјебала фајрволот’ меѓу двата система,“ пишува Зак Дорфман во текстот за Форин полиси.

Иако останува нејасна точната процедура како е пробиен, заради ваквата поставеност на системот на Кинезите не им требало многу долго за да влезат во главниот систем откако добиле пристап до привремениот систем за комуникација.

Се претпоставува дека кинеските власти составиле посебен тим од луѓе од военото разузнавање  чија исклучива задача била пробивање на главниот систем за комуникација.

Откако некој бил идентификуван како соработник на ЦИА, кинеските власти можеле да ги следат неговите комуникации со врската во американското разузнавање, како и целата мрежа на луѓе со кои тој разговара. Заради ова дел биле уапсени и покрај тоа што никогаш го немале користено системот за комуникација.

Еден од изворите на Форин полиси тврди дека ЦИА имала „силни индикации“ дека Кина своето откритие го споделила со Русија, каде некои соработници на агенцијата ја користат истата технологија. Во јануари Ен-би-си објави дека отприлика во времето кога Кина прави чистка на американски кодоши на своја територија, повеќе руските соработници на ЦИА решаваат да ги прекинат своите врски со агентите на ЦИА.

Проверката што ја спроведуваат американските безбедносни структури успева да открие и дигитални врски меѓу главниот систем за комуникација и самата американска влада, што според поранешните вработени „речиси сигурно биле откриени и од кинеските агенции“. Овие дигитални врски би им овозможиле на Кинезите релативно лесно да потврдат дека системот за комуникација е на ЦИА.

Како главна грешка на Американците се смета што се решаваат за конкретниот систем на комуникација врз основа на неговата успешност на Блискиот Исток, каде тој се употребува во време на војна и во земји со далеку помалку софистицирано анти-разузнавање од Кина.

Информацијата од поранешните американски разузнавачи е дека доушниците на ЦИА кои по чистката останале во Кина се вратиле на методи на комуникација од времето на Студената војна, што најчесто се сведува на контакти во живо, нешто кое има сопствени ризици. Во исто време, пробивањето на системот го менува ставот на ЦИА околу сигурноста на напредните интернет и технолошки решенија.

16 август 2018 - 16:41