Како Американци уапсија ФИФА функционери сред Швајцарија

Како што видовме, апсењето од средата не промени ништо во гласањето од петокот, па и покрај тоа што неколку функционери од првата постава на ФИФА завршија во притвор, Сеп Блатер беше избран за уште еден мандат. Ова не ја намалува брилијантноста на правната стратегија зад апсењето.

Марк Стерн од Слејт објаснува дека американската истрага против ФИФА се базира на законот против рекетирање и корупција, кој беше донесен во 70-те како дел од борбата против мафијата. Промената што ја воведува овој закон е што делата на поедини мафијаши ги поврзува "како дел од пошироко криминално здружување." Ова значи дека мафијашките босови се директно одговорни за делата сторени од нивните потчинети. Откако ќе се почне случајот, обвинителот како доказ може да донесе што било што ќе покаже постоење или операција на криминалната организација.

Освен мафија, законот може да се користи за прогон на какво било друго "здружување" кое резултира со противзаконски постапки.

По овој закон и по шпекулациите за примање мито, давање гласови, местење натпревари, ФИФА одговара на дефиницијата за корумпирана организација.

"Колку и да изгледа контраинтуитивно, Департманот за правда не обвинува дека ФИФА е криминална организација. Туку, тие ја наведуваат ФИФА како жртва на криминално здружување - на групата корумпирани функционери кои низ годините собирале поткуп и донации преку измами и рекетирање. Заедно, овие функционери имаат собрано над 150 милиони долари во замена за ексклузивни медиумски и маркетинг права на меѓународните фудбалски турнири. Департманот за правда не ги гони нив дека сами ја извршиле измамата, туку ги гони за наводно учество во криминално здружување за да се измами ФИФА," пишува Стерн.

Ова е клучното обвинување во обвинението на 161 страна што во средата беше поднесено против функционерите. Во него пишува:

"Заговарајќи да се збогатат себе си... обвинетите ја лишиле ФИФА, конфедерациите, и организациите кои ги избрале - а со тоа и националните организации, националните тимови, младинските лиги, и програмите за развој кои се потпираат на финансиска поддршка од нивните мајки организации - од вкупната вредност на (нивните) права... Ваквото лишување нанело значителна штета на репутацијата на институциите, наштетувајќи им на нивните изгледи да привлечат совесни членови и лидери и во ограничување на нивната способност ефективно да функционираат и да ја извршуваат нивната основна мисија."

Притоа обвинението на Департманот за правда не се обидува да ја сруши организацијата, туку да покаже дека парите што завршиле на сметките на функционерите требало да завршат на сметката на ФИФА.

Ова е вториот клучен момент во стратегијата на Департманот за правда, кој треба да обвини и уапси функционери кои ниту се по потекло Американци, ниту живеат во САД.

Цаката на која тие се справуваат со јуриздикцијата над овие странски државјани, е што сите пари за кои тие се обвинети дека ги добиле како мито, не им се дадени во кеш, туку им легнуваат на сметка.

"А банките кои ги префрлиле парите ги имаат сместено своите сервери - да, погодивте - во Њујорк. Последователно, ако митото на некој функционер му е префрлено на неговата сметка, неговите пари минале преку серверите лоцирани во Источната област на Њујорк - со што САД има јуриздикција да ги прогонува криминалците," објаснува Стерн.

Тој дополнува дека и да не се парите префрлени преку сервери во Њујорк, функционерите одржувале многу состаноци на американско тло, на кои според обвинението било разговарано "за тековните начини за измама." И по оваа основа во комбинација со законот од 70-те, САД добиваат јуриздикција за гонење.

30 мај 2015 - 13:41