Кадија те суди, кадија те вика на интимна работна вечера во хотел

Жени вработени во ЕИГЕ пријавиле сексуално малтретирање од своите, најчесто постари, колеги, а неретко и од шефовите. ЕИГЕ (Европски институт за рамноправност на половите) е агенцијата на ЕУ која требаше да спречи вакви работи.

Во сторијата што ја објавува магазинот Политико, приправничката Ема зборува за своето искуство, кога само што започнува со стажот постојано е придружувана од својот претпоставен во вршењето работи.

Во тек на неколку недели тој:

- Ја кани на ручек.

- Ја кани на вечера.

- Ја кани на патување.

- Се распрашува каков и е креветот.

За по два месеца тој да ги апгрејдува прашањата, и алкохолизиран за време на една работна вечера, „експлицитно да флертува со нејзе пред двајца други менаџери,“ за на крај да ја праша да не е лезбејка. Тука се придружува уште една приправничка, па шефот и двете ги прашува дали се лезбејки. Кога колешката си заминува, тој почнува Ема да ја моли да ја испрати до дома. Таа одбива и напушта околу 3:30 наутро, за по кратко време да го чуе шефот како и довикува по улица „Дали тоа ме одбиваш?“

Ема (која бара да биде идентификувана под псевдоним) инцидентот го пријавува уште во 2014. Во 2012 ЕИГЕ воведе политика на „нула толеранција“ за сексуално малтретирање, и започна кампања оваа политика да биде воведена во сите агенции на ЕУ.

Резултатот од анализата на начинот на кој агенцијата се справила со овој и слични случаи, е дека спроведувањето на ваквата политика се покажало како проблематично за организацијата која е најповикана за тоа.

Магазинот Политико наведува и анкета од 2014, во која 54% од луѓето на ЕИГЕ не се согласуваат со тоа дека „пријавите за несоодветно однесување се сериозно сфатени од агенцијата“. Надворешна ревизија на рамноправноста меѓу половите во агенцијата покажала дека проблемот со сексуално малтретирање е „извор на анимозитет и нелагодност меѓу вработените.“

„На кратко, европската агенција за рамноправност меѓу половите има проблем со сексуално малтретирање. Меѓутоа природата на овој проблем е и останува сериозно оспорена.

Повеќе жени вработени во ЕИГЕ обвинуваат дека машките колеги рутински имале сексистичко однесување. Обвинетите мажи луто ги отфрлаат ваквите обвинувања и тврдат дека тие доаѓаат од колешки кои се претерано чувствителни околу половите прашања,“ пишува Џинџер Харви во текстот за Политико.

Освен Ема, магазинот го пренесува и случајот на Кетрин (исто така псевдоним, исто така приправничка), која во 2014 поднесува поплака против двајца колеги, од кои едниот го обвинува за сексуално малтретирање, а вториот за сексуално малтретирање и следење. Таа обвинува еден од мажите дека ја допирал несоодветно во и вон работното место.

Трета девојка, Џудит, раскажува како кога аплицирала за друга позиција, нејзиниот шеф ја поканил на работна вечера. На вечерата единствени луѓе од ЕИГЕ се Џудит, шефот и уште една девојка која аплицирала за позицијата. По некое време шефот на Џудит и објаснува дека ќе ја добие работата „само треба да ме поканиш на вечера... а потоа и на појадок.“

По неколку месеци таа го известува одделот за човечки ресурси за „несоодветно однесување... кое може да биде класификувано како сексуално малтретирање“. На ова, од таму добива одговор: „импликациите од твојот меил можат да бидат сериозни, сигурен сум дека разбираш колку може да биде деликатна темава посебно затоа што понекогаш има тенка линија меѓу она што е малтретирање и што не е.“

Вработениот од човечки ресурси воопшто не му ги пренел на менаџментот поплаките на Џудит. Две години подоцна, поранешниот шеф на Џудит е предмет на една од поплаките на Кетрин за сексуално малтретирање.

Директорката Вирџинија Лангбак објаснува дека секоја од овие пријави сериозно ја сфатила, и со цел избегнување на ригидноста од стандардната процедура, таа ги поттикнала жалителите да неформално да го решат случајот, преку медијација и советник за доверливост. Кога тоа не успеало, тие поднеле официјални поплаки.

Политико тука повторно се враќа на Ема која поднела ваква тужба, по што, според нејзе, „атмосферата околу нејзе се променила,“ објаснувајќи дека кога жена ќе каже ’јас бев сексуално малтретирана’ обично се случува една од две работи, или ќе кажат си го барала, или ќе кажат дека е психолошки нестабилна, „на мене ми се случи ова второто.“

Дента кога ја поднесува формалната поплака, таа не оди на работа. Тогаш добива и порака од агенцијата дека е потребно „да донесе медицински сертификат што ќе потврди дека таа е способна да се врати на работа.“

По ова обвинетиот поднел неформална контра-жалба против нејзе за „полово-базирано насилство“ и „исмејување на неговата хетеросексуалност“. Таа се пожалила во човечки ресурси дека ова е обвинување на жртвата, меѓутоа и било кажано дека и тој има право да се брани.

Обвинетите мажи повеќе не работат во ЕИГЕ, а ни девојките кои ги поднеле поплаките. На едните договорите им биле предвремено прекинати, а на девојките им завршило стажирањето.

Што се однесува на ЕИГЕ, тие, според директорката Лангбак за еден од случаите на Кетрин „ги собрале сите докази и во нив немало доволно материјал“ за започнување на формална истрага. Наместо тоа, дисциплинска комисија на ЕИГЕ одлучила дека „има основа за верување дека ова е пријателство кое лошо се завршило наместо случај на сексуално малтретирање.“ Случајот од бордот е затворен како „прекршување на доброто поведени“ и „значителна злоупотреба на работното време“, а не како сексуално малтретирање.

Лангбак тврди дека агенцијата сериозно работела на расчистување на ваквите случаи, и за тоа ја наведува анкетата од 2016, во која само 15% од вработени не се согласуваат со тоа дека „пријавите за несоодветно однесување се сериозно сфатени од агенцијата“, наспроти 54% во 2014.

13 април 2018 - 16:33