Интернетот нè враќа во средниот век

Муабетот е за сè побројните паметни уреди кои ги имаме по дома и се поврзани на интернет. Сме ги платиле, ги користиме, ама во суштина не ги поседуваме, заради первертираниот концепт на интелектуална сопственост. Како во средниот век, сета земја е на кралот а ако му платиш, ќе ти даде дел да го копаш.

Уредите кои се поврзани со интернет стануваат толку вообичаени и ранливи што неодамна беше хакнато едно казино преку нивниот аквариум (и сензорите поврзани на интернет) при што им биле симнати 10 гига податоци, вредни за разни потенцијални клиенти.

Проблемот со тие уреди и целиот концепт наречен Internet of Things е што ние всушност не ги контролираме, иако се наши. А најчесто и не знаеме кој ги контролира бидејќи во игра се и софтверските дизајнери и адвертајзерите кои се спремни да платат за податоците собрани преку нив. 

На пример симпатичните роботизирани правосмукалки Румба. Од пред две години, поскапите модели креираат мапи на домовите на корисниците за да може полесно да навигираат низ тие простори. Ројтерс и Гизмодо неодамна пишуваа дека нивниот производител iRobot можеби има планови таквите мапи на приватните домови да ги сподели со своите комерцијални партнери.

Кај некои други уреди приватноста е уште поинтимна, на пример кај еротските масажери (види: И вибраторот ве шпионира). Производителот на WeVibe неодамна вонсудски го стиша скандалот со мулти-милионска отштета откако нивните корисници дознаа дека машинчето враќа назад информации за користењето и навиките на муштериите.

Со гаќи долу беше фатен и Леново кој продаваше компјури со инсталиран програм Суперфиш кој на Леново - или компаниите кои ќе платат - им овозможуваше да инсертираат таргетирани реклами во резултатите од пребарувањата на интернет.  

Клучниот проблем во сите вакви случаи е сопственоста. Компаниите кои ги прават таквите уреди делуваат како тие и натаму да се нивни сопственици, иако ни ги продале. Можеби сме купиле куп електроника спакувана во смартфон - вели нивната логика - но всушност сме купиле само лиценца за користење на софтверот. Како да сте купиле кола ама моторот и натаму е во сопственост на производителот.

Еден американски производител на трактори пред некое време ги предупреди муштериите дека практично не ги поседуваат тракторите (туку само лиценците за софтверот) па да не им текне сами да ги поправаат или да ги носат по други сервиси.

И замислете кога оваа логика ќе се пресели и на паметните ВЦ шољи.

Ваквиот концепт нè враќа во феудалниот систем на средновековна Европа и нејзините кралства, кога кралот поседува сè во една земја а луѓето се само корисници на неговата милост па работат земја, сечат дрва и слично.

Во денешните случаи не се користи божјата природа на кралевите туку не толку божјата интелектуална сопственост која ги создала уредите кои луѓето ги купиле.

„Ако не поседуваме право да ја контролираме нашата сопственост, таа и не е наша сопственост. Во тој случај ние сме само дигитални селани кои можат да користат некои работи затоа што за тоа сме платиле извесна сума на нашиот дигитален крал“, вели Џошуа Ферфилф, професор по право на Универзитетот Ли и Вашингтон.

18 септември 2017 - 18:09