Градот што се прослави заради Нестле, ќе остане без вода заради Нестле

Конгломератот во чија сопственост е брендот Вител, е обвинет од жителите на градот Вител дека претерал со флаширање на водата од локалните извори заради што нив ги оставил без вода.

Според француската влада подземните резерви на вода од 1990 до денес се намалуваат за по 30 сантиметри годишно, а во изминатите 4 децении паднати се за 10 метри.

„Цел живот сме навикнати да имаме одлична вода од чешма, ама сега се вади многу повеќе вода отколку што може да се надополни. Нестле тврдат дека ја користат водата без да го исцрпат изворот, ама не е така,“ изјавува за британски Телеграф жител на градот.

Нестле има лиценца за користење на еден милион кубни метри вода од изворот во Вител, исклучително за својата минерална вода. Компанијата тврди дека за другите брендови користи други извори. Дополнителни 600.000 кубни метри вода од изворот се алоцирани за производителот на кашкавал Ермитаж. Двете компании трошат речиси половина од водата на Вител, а остатокот оди за потрошувачите во Вител, кој брои околу 5.000 луѓе.

Од Нестле објаснуваат дека им е јасно дека треба да ја намалат потрошувачката на вода и дека веќе ја имаат скратено за околу 20% во изминатите 10 години. Првиот човек на Агриваир, подружницата на Нестле која ја полни водата, за француската телевизија изјавил дека е подготвен  намалувањето на користењето вода да го зголеми на 25%.

Притоа тие признаваат дека ова намалување „нема да биде доволно за да се надомести недостатокот“ што се појавил и дека работат со локалните власти на „одржливо решение.“

Доколку не се направи ништо посериозно за намалување на минусот во водните резерви, жителите на Вител ќе мора да бидат снабдувани со вода од соседното село, оддалечено околу 20 километри. Поставувањето на новиот водовод би чинел 50 милиони евра.

„Работата ќе биде наплатена на сметките за вода на граѓаните, па во основа ние плаќаме за Нестле да може да ја флашира и извезува нашата вода,“ изјавил еден од граѓаните на Вител.

30 април 2018 - 12:34