Гнездото на џинови

Исланд има популација од 320.000 луѓе (нешто помалку од Карпош, Центар, Аеродром, Кисела Вода, Чаир и Бутел заедно), и до сега 8 пати го имаат освоено трофејот Најсилниот човек на светот. Повеќе од нив имаат само САД (популација 317,7 милиони) - вкупно 9.

Јон Пал Сигмарсон и Магнус Магнусон имаат по четири од овие 8 титули (плус повеќе втори и трети места). Инаку, најуспешен во историјата на натпреварување е Полјакот Мариус Пудзиановски, со 5 титули. (Инаку, во Исланд втора по големина етничка група во земјата се Полјаците.)

Сигмарсон и Магнусон се најголемите ривали на овој спорт на почетокот од 90-те. Ова трае до 1993-та, кога Сигмарсон неочекувано умира на 33-годишна возраст. Магнусон ги освојува титулите во 94-та, 95-та и 96-та.

Денес најдобро пласиран Исланѓанец во овој спорт е 25 годишниот Хафпор Бјорнсон, поранешниот кошаркар кој заради повреда на коленото се откажува од спортот и решава да се проба во натпреварувањето на Најсилен човек на светот. Почна во 2011-та. Во 2012-та и 2013-та заврши на трето место. Бјорнсон е и новиот Грегор Клегејн во 4-та сезона од Игра на тронови.