Глобалното затоплување нема крај

Новата граница на климатски ужас со кој треба да живееме (барем до крај на месецов) е дека годинешниов април не само што беше најтоплиот април во последните 137 години, туку тој беше и 12-от последователен месец што го постави овој рекорд.

Ваква серија од 12 месеци е без преседан од 1880, кога за прв пат се почнува со систематско запишување на температурата, и почна од мај 2015. Заради екстремноста на ситуацијата (и покрај сите "каде ти е глобалното затоплување кога измрзнавме во мај" фори) по 4 завршени месеци од 2016-та, НАСА со 99% сигурноста предвидува дека ова ќе биде најтопла година во историјата.

Доколку не се случи изненадување и бројките на НАСА излезат неточни (а нема), 2016-та ќе биде третата последователна година во која постигнуваме нов рекорд на највисока просечна температура, што исто така е прв ваков случај во историјата.

Продолжувајќи со паничните статистики, 15 од 16 најтопли години во (пишаната) историја се измерени од 2000-та до денес.

Иако дел од вината за температурата отпаѓа на циклични промени како Ел Нињо, сепак процената на научниците е дека нема бегање од фактот дека планетата рапидно се затоплува и без нив.

19 мај 2016 - 10:01