Фантастични трошоци и каде да ги најдеш

Откако останува без работа, а со многу пари, поранешниот прв човек на Микрософт, Стив Балмер, во својата досада почнува да размислува за работи како - на што ги троши владата парите од данок? И во ова размислување вклучува и други луѓе, за чија помош одвои над 10 милиони долари.

Балмер објаснува дека како човек што плаќа даноци (мала заушка за Епл и нивната навлеченост на избегнување данок), смета дека парите што се влеваат во буџетот на САД се сосема доволни за државата да постави солидна мрежа на социјална заштита.

Ова го тера Балмер да го започне "веројатно најамбициозниот приватен проект за одговарање на прашањата кои долго време ја разлутуваат јавноста и политичарите - што прави владата со парите што ги собира?"

Во четврток Балмер ќе објави база на податоци што тој и "мала армија економисти, професори и други професионалци ја составуваат во изминатите три години". Името на проектот е УСАФактс и ова е првиот непартиски обид за креирање интегриран преглед на трошењето на федерално, државно и локално ниво.

"Колку луѓе работат за владата на САД?

Речиси 24 милиони. Би го погодил ова некогаш?

Па луѓе ќе речат: 'Проклети бирократи!' Ама дај да разгледаме. Луѓето што работат во училиштата, високото образование, јавните образовни институции - сите тие се владини вработени. И тие претставуваат речиси половина од 24-те милиони.

И ќе кажеш, ок, кои се другите големи блокови? Па, војници на служба, државни болници. Стварно? Не сум го знаел тоа," изјавил Балмер во разговорот за Њујорк тајмс.

Како што тој објаснува кога вака ќе ги преставиш луѓето, сите оние што до тогаш биле доживувани како симбол на расфрлањето на владата "одеднаш почнуваат да изгледаат како луѓето од нашето соседство, за кои ни е многу драго што ги имаме".

"Сега луѓето може да не гледаат на нив како владини вработени, туку дека нашите пари од даноци некако помагаат да се платат 24 милиони луѓе - од кои најголемиот дел се луѓе што ти се допаѓаат," објаснува Балмер.

Меѓу најголемите изненадувања во бројките е што мноштвото непрофитни организации во САД се 50 до 90 проценти финансирани од владата, "смешно е, ама немав поим дека сите овие непрофитни организации (за борба против сиромаштија и сл.) во одредена смисла се изведувачи за владата."

Сајтот, од четврток треба да биде достапен тука

18 април 2017 - 17:26