Европските шпиони учеле школо од јужноамериканските диктатори

Генерацијата диктатори од латинска Америка од 1970-те биле примерот по кој британските, западногерманските и француските разузнавачки служби сакале да се борат со левичарските „субверзии“, покажуваат нови документи објавени од ЦИА.

Главен интерес на европските шпиони била „Операција кондор“, тајна програма во која диктатурите на Аргентина, Бразил, Парагвај, Уругвај, Чиле, Боливија, Перу и Еквадор, соработувале во киднапирање и убиство на членовите на левичарски герила групи на своите територии. Вкупниот број убиени не се знае, меѓутоа познато е дека во Аргентина има најмалку 100 мртви поврзани со оваа операција. (По доаѓањето на власт на воената хунта во Аргентина, се повеќе тела на нивни противници почнале да се насукуваат на уругвајскиот брег на Рио де ла Плата, по што војската го менува својот пристап и телата почнува од авион да ги фрла во Атлантскиот океан.)

„Претставници на разузнавачките служби на Западна Германија, Франција и Британија го посетија секретаријатот на Кондор во Буенос Аирес во септември 1977 за да ги дискутираат методите за воспоставување на анти-субверзивна организација слична на Кондор.

Терористичката / субверзивна закана достигна толку опасни нивоа во Европа што тие веруваа дека е најдобро на куп да ги соберат своите разузнавачки ресурси во кооперативна организација налик Кондор.

Тие нагласија дека доколку таква организација се воспостави во Европа, сите операции против субверзивците ќе бидат детално координирани за ниту една тајна служба на една земја да не оперира унилатерално во друга земја,“ пишува во документите објавени од ЦИА.

Документот е дел од над 47.000 страници тајно досие што американските власти го водат за крвавата аргентинска диктатура од 1976 до 1983.

19 април 2019 - 11:36